Утрински Весник
Македонија

Спасовски – Костадиновска-Стојчевска: Преземањето на Благодатниот оган директно од Ерусалим е историски чин за граѓаните

Спасовски – Костадиновска-Стојчевска: Преземањето на Благодатниот оган директно од Ерусалим е историски чин за граѓаните

Денеска напладне во Базиликата на Светиот Гроб во стариот град на Ерусалим, државата Израел започнува церемонијата „преземање на Благодатниот оган во Ерусалим”, на која за прв пат свое учество има македонско-црковна делегација предводена од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, директорот на Државната комисија за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, како и шефот на делегацијата на Македонската православна црква – Митрополит тетовски-гостиварски, Јосиф Тодоровски.

dobivaj vesti na viber

На овој голем чин кој се одржува секоја година на Велика Сабота има претставници од повеќе држави кои со владини и црковни почести, го пренесуваат светиот оган во своите земји.

Во пресрет на овој историскиот настан за македонската држава, нејзините граѓани и за МПЦ-ОА, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски од Ерусалим рече дека му причинува чест и задоволство што ја предводи делегацијата на македонската Влада и на Македонската православна црква – ОА којашто за прв пат ја има честа да го преземе Благодатниот оган директно од Ерусалим.

„Ова е историски чин кој се случува веднаш по воведувањето во канонско единство и признавање на нашата света црква, ова е прва година во којашто директно од Храмот со благослов на Патријархот Ерусалимски, ќе можеме да го преземеме огнот и да го однесеме во Македонија.

Секако дека е ова значајно за верата, значајно е за државата, за нашите граѓани, значајно е за нашата црква која веќе се вбројува во големото православно семејство“, изјави Спасовски.

Истакна дека македонската делегација синоќа присуствуваше на вечерната служба и рече – „нашата црковна делегација беше дел од сите црковни великодостојници овде во Ерусалим, се поклонивме на гробот на нашиот Бог Исус Христос и мислам дека е укажана голема чест и на државата и на македонскиот народ, на граѓаните кои живеат во нашата земја и секако на МПЦ-ОА“.

Како член на делегацијата, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска изрази задоволство што оваа година за прв пат нашата држава ја има честа директно да присуствува на церемонијата на „преземање на Благодатниот оган“ директно од Ерусалим.

„Прв пат имаме шанса директно да го однесеме дома Благодатниот оган, во нашата држава, да го предадеме во МПЦ, и потоа, тој оган ќе продолжи да ни ги осветлува и домовите и храмовите во текот на целата година. Со државата Израел ние досега имаме плодна соработка, не само на полето на културата, туку на полето на образованието, а се надевам дека таа соработка и понатаму ќе продолжи. Многу често соработуваме со државата Израел, со сите коишто имаат желба со нас да разменат искуства. Да продолжиме да учиме едни од други, да учиме не само во областа на религијата, туку да учиме и во областа на културата, да учиме за хуманоста за човештвото, за победата на животот и за тоа како да бидеме подобри во она што го правиме на секојдневна основа“, рече Костадиновска-Стојчевска во пресрет на големиот чин за православните христијани.

Македонската државно-црковна делегација присуствуваше на утринската богослужба во храмот на Воскресението во Ерусалим на која чиноначалствуваше Неговата светост, Патријархот Ерусалимски Теофил. Во пладневните часови е најавена церемонијата на „преземање на Благодатниот оган“ во Базиликата на Светиот Гроб.

Можете да прочитате

Следната недела разговори за зголемување на минималната плата

УХМР: Од петок студен бран во Македонија – се очекуваат поројни дождови

Уште еден земјотрес ја стресе Македонија