Алексеј Навални, најистакнатиот руски опозициски политичар, се бори со силна стомачна болка во затворот што може да биде резултат на отров со бавно дејство, рече неговиот близок соработник Руслан Шавединов.
Шавединов рече дека минатата недела била повикана брза помош во казнената колонија ИК-6 во Мелехово, околу 250 километри источно од Москва, каде што е затворен Навални.
„Неговата ситуација е критична, сите сме многу загрижени“, изјави Руслан Шавединов за „Гардијан“, додавајќи дека затворските власти одбиле да го примат Навални во болница.
Шавединов рече дека нема ажурирања за здравствената состојба на Навални откако пристигнала брзата помош, бидејќи „затворските власти прават се што е можно за да го изолираат“.
Навални комуницира со надворешниот свет преку своите адвокати. 46-годишникот одлежува вкупно 11 и пол години под обвинение за измама и непочитување на судот.
Загриженоста за здравјето на Навални расте во последните месеци и доведе до тоа, групи руски пратеници и лекари да напишат петиција под неговото полно име, барајќи тој да добие подобра медицинска нега.
Шавединов рече дека неговиот тим сега верува дека Навални полека се труе.
„Нашата теорија е дека тие го убиваат постепено, користејќи отров со бавно дејство што се администрира преку храната“, рече тој.
„Можеби звучи како параноја, но по труењето се чини сосема веродостојно. Ослабе 8 кг за две недели, тоа никогаш не се случило и лекарите не му кажуваат зошто има толку многу болки“, вели Шавединов.
Навални беше отруен со нервен агенс од советско производство, на патување во Сибир во 2020 година. Тој беше на лекување во Берлин и го обвини Владимир Путин дека стои зад нападот.
Запрашан за тврдењата дека Навални можеби полека се труе, портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, рече дека Кремљ не го следи неговото здравје и дека тоа е работа на Федералната поправна служба.
Шавединов рече дека затворските власти се обидуваат да го „скршат“ Навални со постојано ставање во изолација, или казнена ќелија, за мали прекршувања на затворските правила или без никакво објаснување.
„Од август, Навални поголемиот дел од времето го поминува во казнена ќелија“, рече Шавединов.
„Во Шизо не можете да спиете правилно, нема пристап до затворската продавница за храна и тешко е да се пишува и чита писма поради лошото осветлување“, додаде тој.
Мари Струтерс, директорка на Амнести Интернешнл за Источна и Централна Европа, рече: „Руските затворски власти користат сурови методи што ги усовршуваа со текот на годините за да се обидат да го скршат духот на Алексеј Навални со тоа што ќе го направат неговото постоење во казнената колонија неподносливо, понижувачко и дехуманизирачко.