Премиерот Димитар Ковачевски не одговори на новинарското прашање кој му го подметнал договорот со американско – турскиот конзорциум „Бехтел и енка“ со 60-часовна работна недела за што Уставниот суд веќе се има изјаснето дека е незаконско. Место конкретен одговор, премиерот уште еднаш, по кој знае кој пат, повтори дека пратеници, а не Владата предлагаат 60-чаовна работна недела, а потоа го замоли министерот за транспорт Благој Бочварски да направи уште еден брифинг оти забележал дека се уште има нејасни работи околу договорот.
„Вие имавте вчера детален брифинг со институциите кои го подготвувале договорот врз основа на специјален закон предложен од пратеници во Собранието, тој закон е преложен од пратеници во Собранието и договорот е на над 400 страници. Со оглед на тоа што сè уште имате неразјаснети елементи во однос на договорот, тогаш јас го замолувам министерот за транспорт и врски да направи уште еден детален брифинг со медиумите на кој ќе можете пак да се информирате за сите детали. Уште еден детален брифинг нема да биде вишок со оглед на тоа дека гледам се повторуваат истите прашања кои вчера биле адресирани на брифингот и затоа министерот за транспорт и врски со членовите на управувачкиот комитет треба да направи уште еден брифинг“, рече премиерот Ковачевски на денешната прес-конференција за новите субвенционирани авиолинии.
Ковачевски не одговори конкретно ниту на прашањето зошто пратениците место Владата ги предложија измените на девет закони за американско – турскиот конзорциум „Бехтел и енка“ да може полесно ги изгради четирите автопатски делници на коридорите 8 и 10 д.
Кога пратениците го гласаа дневниот ред за 112 седница на кој беа ставени измените на законите за „Бехтел и енка“ пратениците од опозицијата се пожалија дека измените не се никаде објавени, ги нема на ЕНЕР и немале доволно време да ги разгледаат. На тоа претседателот на Собранието Талат Џафери, објасни дека на ЕНЕР обврска да се објавуваат има само за законите кои ги предлага Владата, кога предлагаат пратениците таква обврска нема.
Ковачевски денес уверуваше дека државата нема да плаќа пенали ако не се изгласаат законските измени. Иако не сака да одговори на конкретни прашања за 60-чаовната работна недела и кого овластил да преговара за такво работни време, како и зошто измените ги предлагаат пратеници, а не Владата, премиерот Ковачевски на широко и денес објаснуваше дека 60–часовната работна недела е услов за изградбата на коридорите да трае покусо и да чини поевтино.
„Доколку се усвои од пратениците, по нивен предлог, да се овозможи само за овој проект да има 60- часовна работна недела, повеќе пари ќе останат во државата, секој работник, кој ќе се согласи доброволно, ќе биде платен според договорот прекувремено и плус 50 отсто за работа во недела. Проектот ќе трае помалку и ќе чини помалку. Ако остане 40- часовна работна недела, проектот ќе трае подолго и плус ’Бехтел и енка’ ќе си донесат работна сила од странство оти нема да дозволат да не се реализира проект за кој тие го потпишале договор на повеќе од 400 странци. И во моментов има одредени дејности кои работат во недела, на барање на местата кои согласно закон се туристички и на барање на бизнис секторот од тие места, тие работат во недела и сега, платено е работењето“, рече премиерот Ковачевски.
Што конкретно се договорила Владата и „Бехтел и енка“ засега ќе остане тајна оти договорот е класифициран, но доколку некоја од институциите како Основното јавно обвинителство или Државната комисија за спречување корупција го побара, премиерот Ковачевски вели дека по службен пат ќе им биде испратен во целост. Пристап до него ќе имаат само лица овластени за класифицирани информации. Ковачевски и денес ги повика Антикорупциска и Обвинителството детално да го прегледаат договорот.