Доколку не се промени одлуката за вдомување на новиот Џез оркестар во зградата на Филхармонија, вработените ќе протестираат, објави на прес-конференција, Владимир Лазаревски, прв обоист и претседател на Синдикатот на Филхармонија.
Тој образложи дека не било возможно два оркестри во зградата да фунционираат како два посебни правни субјекти.
„Зградата е проектирана и замислена како објект за работа на еден симфониски оркестар. Секоја просторија е предвидена и осмислена со цел вработените да можат да ги исполнат своите работни обврски. Реално не е возможно да функционираат две национални устави, два оркестри со годишна програма. ЗЏМ досега реализирале по два три концерти годишно, што е сосема различно од бројот на концерти кои ќе треба да ги реализираат како Национална установа. За да фунционира една институција, па макар таа била во формирање, потребни се и одредени работни места кои ќе ја подржуваат работата на џез оркестарот за кој ќе бидат потребни дополнителни канцеларии“, рече Лазаревски.
Лазаревски и директорката Филхармонија, Тина Иванова истакнаа дека не биле информирани дека новата национална установа ќе биде сместена во овој објект, а договорите и состаноците биле тајна. Информацијата за тоа, сите, вклучувајќи ја и директорката, ја дознале на социјалните мрежи преку објава на некои портали. Не станува збор за суета, вели Ивановска, туку за реалната ситуација и за можностите за евентуално взаемно функционирање.