Осумгодишното дете изгризано до смрт од куче во скопската населба Пинтија, во болница било однесено без знаци на живот. Љубен Арсенков, директор на Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ вели дека детето имало голема рана вратот и главина расекотина.
„Вчера попладне во 17.22 часот во нашата клиника беше донесено осумгодишно дете со сериозни повреди во пределот на главата и вратот нанесени од каснување на куче. Во моментот на прием детето е без знаци на живот со проширени зеници и без срцева акција. Веднаш е направена реанимациска постапка, но за жал без успех. Големата рана на вратот, каде што минуваат главните крвни садови, довела детето да искрвави“, вели Љубен Арсенков, директор на Универзитетската клиника по хируршки болести „Св Наум Охридски“ за „Макфакс“.
Неофицијалните информации се дека домашното куче било англиски бул мастиф. Трагедијата се случила откако детето влегло во дворот на соседот. Телото на детето е предадено на обдукција.
Претходно, МВР соопшти дека кучето кое го нападнало детето било на сосед, кој живеел во близина.
„Од ГОБ ‘Св. Наум Охридски’, на 11.4.2023, во 18.25 часот, било пријавено дека кај нив бил донесен малолетник од Скопје, кој, според пријавеното, им подлегнал на повредите како последица од напад од куче, сопственост на неговиот сосед Н. Г.“, велат од МВР.