Американски судија во сојузната држава Тексас вчера го суспендираше одобрувањето на апчето за абортус „мифепристон“ кое се користи веќе две децении и тоа го стори додека трае судскиот спор за неговата законитост, нанесувајќи им нов удар на репродуктивните права во САД.
Во исто време, судијата во државата Вашингтон вчера издаде навидум контрадикторна наредба со која ги спречува федералните регулатори да ја променат достапноста на истото средство за абортус.
Одлуката од 67 страници донесена од американскиот окружен судија Метју Качмарик во Амарило, Тексас нема да стапи на сила една недела за да ѝ даде доволно време на администрацијата на претседателот Џо Бајден да поднесе итна жалба, објави американското Министерство за правда.
Одлуката на Качмарик претставува прелиминарна наредба со која ефективно би се забранила продажбата на „мифепристон“ додека тужбата поднесена против Управата за храна и лекови (ФДА) од групи за забрана на абортусот е во тек во неговата судница.
Судијата, кој беше назначен од поранешниот републикански претседател Доналд Трамп, сè уште нема донесено конечна одлука во спорот. Сепак, во својата одлука, тој рече дека тужбата најверојатно ќе успее и дека ФДА ги игнорирала ризиците кога го одобрила лекот.
Групите кои поднеле тужби тврдат дека агенцијата неправилно го одобрила мифепристон во 2000 година и не ја земала соодветно предвид безбедноста на лекот за девојчиња под 18 години. Претседателот Бајден во соопштението објавено доцна синоќа рече дека судот својата одлука за овој случај ја упатил до ФДА, „стручната агенција која одобрува лекови“.
„Доколку оваа одлука опстане, тогаш практично нема да има лек одобрен од ФДА кој би бил безбеден од вакви политички, идеолошки напади“, се вели во соопштението на Белата куќа.
Одлуката веројатно ќе ја наруши американската политика за абортус, која ја подели земјата откако Врховниот суд минатата година ја укина пресудата со која се признава уставното право на жените на абортус.
Оттогаш, абортусот е забранет во 12 од 50 американски држави, додека во многу други е забранет по одреден период од бременоста, според Институтот Гутмахер, истражувачка организација која се залага за правото на абортус.
Ако судијата од Тексас пресуди во корист на тужителите, на бремените жени ќе им остане само мизопростол, уште една таблета за медицински абортус. Но, само конзумирањето мизопростол е физички потрауматично, а некои стравуваат дека лекарите можеби не сакаат да го препишат сам, без мифепристон, и не е јасно до кој степен ќе биде достапен.