Маж од Британија е осуден на најмалку 20 години затвор затоа што ја убил својата бремена сопруга туркајќи ја од карпа висока 50 метри во Единбург, каде вообичаено се фотографираат туристи.
29-годишниот Кашиф Анвар е обвинет за убиство на 31-годишната Фавзија Џавед, која паднала од карпата додека биле на одмор во септември 2021 година.
Додека лежела умирајќи, Џавед, која по потекло е од Јоркшир, му кажала на полицаецот дека нејзиниот сопруг ја турнал.
Анвар тврдел дека се лизнал кон неа и сопругата паднала. Поротата на Високиот суд во Единбург ја отфрли таа одбрана и го прогласи за виновен за убиство на Џавед, која била бремена во 17 недела, а исто така беше обвинет и за предизвикување смрт на нејзиното неродено дете.
Анвар беше осуден на доживотен затвор со минимална казна од 20 години. Судијата Лорд Бекет му кажал дека неговата сопруга има право на негова заштита и оти тој е виновен за злобно злосторство.
„Ти не покажа никакво каење и не се обиде да ја спасиш“, му рекол судијата, пренесе „Би-би-си“.
За време на еднонеделното судење во Високиот суд во Единбург, поротата слушна дека Анвар првпат се запознала со Џавед кога отишла да купи нови очила со нејзината мајка. Анвар студирал оптика, а Џавед работела како адвокат и набрзо почнале врска. Нејзината мајка Јасмин Џавед изјави пред судот дека Анвар и неговите родители го посетиле нејзиното семејство во ноември 2019 година за да побараат дозвола за брак.
Тие се венчале на Божиќ 2020 година, но Џавед наскоро почнала да се чувствува загрижена за однесувањето на Анвар. За време на судењето, нејзината мајка рече дека верува оти нејзината ќерка била во насилен, принуден брак.
Несреќната жена била многу блиска со сестра си Унита и и’ се доверила за насилничкото однесување на нејзиниот сопруг. Мајката исто така сведочеше дека нејзината ќерка сакала да ја прекине врската неколку месеци откако се омажила за Анвар.
Анвар, кој не сведочеше на суд, им кажа на полицајците дека тој и Џавед решиле да го посетат Артурс Сеат, изгаснат вулкан во паркот Холируд во Единбург. На познатата туристичка локација пристигнале околу 19:30 часот и почнале да се качуваат за да го видат зајдисонцето. Но, двојката пристигнала предоцна и решила да се спушти по истиот пат, а потоа да направи селфи на карпата.
„Бевме под врвот. Изгубив рамнотежа и се лизнав, ја турнав. Се доближи до работ и рече „оо моја нога“ и почна да вреска. Слушнав удар“, изјавил Анвар пред полицијата.
Кога полицијата стигнала до Џавед, таа била сè уште жива, иако тешко повредена. Првиот човек што дошол кај неа, локалниот жител Данија Рафике, сведочел дека Џавед му рекла да не го дозволува нејзиниот сопруг да се доближи до неа и дека тој ја турнал.
Полицаецот Ријанон Клатон потоа пристигнал на местото на настанот и сведочел дека Џавед се превртувала од болка, но можела да зборува. Тој рече дека жената му кажала оти нејзиниот сопруг ја турнал кога таа се обидувала да ја прекине врската.
Џавед набрзо почина од повредите на местото на несреќата, а Анвар беше уапсен подоцна истата ноќ. Полицаецот Стивен Кабаљеро рече дека Анвар прашал колку години ќе биде затворен и изјавил како сега неговиот живот е уништен. Детективот рече дека убиецот потоа прашал за затворите во Единбург и каков е затворот во Сатон.
За време на судењето беше пуштено и видео од Џавед и Анвар во кое таа го нарекува „непочитувана личност“ и вели дека е „страшен“. Во видеото таа прашала и: „Кој сопруг се однесува со сопругата како тебе?“.