Италијанската финансиска полиција изврши претрес во просториите на Рома, Лацио и Салернитана, како дел од истрагата за сомневања за нереално високи суми на трансфери на играчи.
Истрагата против Рома се однесува на периодот меѓу 2017 и 2021 година и се однесува на трансфери на неколку играчи.
Од друга страна, Лацио и Салернитана се под истрага поради меѓусебни трансфери на фудбалери, и затоа што имаа ист сопственик.
Газда на овие два клуба до неодамна беше Клаудио Лотито, а беше отворена истрага поради судир на интереси и „фактури за непостоечки трансакции“.
Како резултат на тоа, Салернитана доби нов сопственик минатата сезона, бидејќи прописите во Серија А не дозволуваат едно лице да контролира два тима.
Трансферите на играчи и вештачки претставените капитални добивки се во срцето на случајот со кој веќе се соочи Јувентус. Поради тоа клубот од Торино беше казнет со одземање на 15 бода.
Судскиот процес е во тек, а следното рочиште е закажано за 10 мај.