„Скопје 2014“ е најкриминалниот проект за чија реализација ВМРО-ДПМНЕ задолжи генерации македонски граѓани. Овој проект за задоволување на личните и бизнис-интереси на Никола Груевски и врхушката на ВМРО-ДПМНЕ не само што не беше за зајакнување на македонскиот идентитет и култура туку беше своевиден културен инженеринг со директен упад во културното и идентитетското наследство, обвинуваат од СДСМ.
„Хаосот што ВМРО-ДПМНЕ го остави во културата е полош, дури и од она што останало по Втората светска војна. Речиси 700 милиони евра се потрошија на половина квадратен километар за гипс, лажен барок и споменици, само за лично богатење на поединци.
Наместо подобри, оставија полоши услови.
По само неколку години, огромен број од градбите се распаѓаат и поплавуваат. По секој дожд, МНТ се поплавува. Археолошкиот музеј за кој ВМРО-ДПМНЕ и Груевски потрошија над 80 милиони евра е нефункционален, а го загрозува и културното богатство и затоа мора повторно да се сели. Речиси и да немаше сегмент во културата што не беше оставен во катастрофална состојба.
За разлика од таквиот однос, СДСМ во изминатите години вложува со сите сегменти на културата, се зголемуваат платите на вработените во културата, се зголемуваат и годишните буџети на Министерството“, велат од опозициската партија.
Од таму додаваат дека во изминатите пет и пол години платите во културата се зголемени за речиси 120 отсто во споредба со времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако еден актер во втора група имал плата од 27.579 денари, денес тој добива плата од 40.000 денари. Актер првенец земал 34.402 денара плата, а сега зема 52,061 денар. ‘Скопје 2014’ е мегакриминален проект за кој сите одговорни мора да бидат соодветно санкционирани пред законот. А Никола Груевски треба да се пријави пред македонските судови и да понесе одговорност во согласност со правосилните пресуди што му се изречени“, порачаа од СДСМ.