Едно лице загина, а десетици се повредени кога покривот на концерт на хеви метал бенд во Илиноис се урна при невреме.
Околу 260 луѓе се наоѓале во салата Аполо во Белвидер кога се урнал покривот во 19:55 часот по локално време, соопшти локалната противпожарна служба.
Шефот на пожарникарите, Шон Шедл, изјави за новинарите дека 28 лица се пренесени во болница, од кои пет се во тешка состојба.
Roof collapses during concert by Morbid Angel at the Apollo Theatre in Belvidere, Illinois.
There are reports of multiple victims#morbidangel #apollotheatre #belvidere #illinois #tornado #storm #weather #breakingnews pic.twitter.com/ptmYoSkm4o
— Crime With Bobby (@crimewithbobby) April 1, 2023
Серија насилни торнада зафатија неколку американски држави во петокот, при што загинаа најмалку три лица.
Пријавени се големи штети во делови од САД – а сојузните држави Арканзас и Мисури прогласија вонредна состојба.
Десетици илјади останаа без струја.
Големо торнадо помина низ Литл Рок, главниот град на државата Арканзас, превртувајќи автомобили, уривајќи дрвја и откорнувајќи покриви.
Повредени се најмалку 24 лица, соопшти градоначалникот.
Гувернерката на државата Сара Хакаби Сандерс ја потврди смртта на две лица во градот Вин, на околу 170 километри од Литл Рок.
Според Центарот за предвидување бури, во петокот вечерта биле забележани торнада во шест американски сојузни држави.
Неколку летови на меѓународниот аеродром во Чикаго беа одложени или откажани, бидејќи на патниците им беше кажано да се засолнат поради, како што рече, лошите временски услови.
Во градот Ковингтон, Тенеси, силниот ветер корнеше дрвја и урна столбови и далноводи.
Голема штета е забележана во центарот на Арканзас, каде што повеќе од 70.000 домови останаа без струја.
Ноќта на смртоносните торнада дојде само една недела по екстремно моќната и долготрајна бура која уби 26 луѓе во Мисисипи.
Минатата недела торнадо помина 94 километри во Мисисипи и траеше околу еден час и 10 минути, што е невообичаено долг временски период за ваков тип на катастрофи.
Оштетени се околу 2.000 домови, соопштија властите.
Американскиот претседател Џо Бајден ја посети државата во петокот за да изрази сочувство и да вети федерална помош.