Министерот за правда, Кренар Лога, не знае детали дали има суспендирани полицајци и командири во „Идризово“, откако во затворот беше откриен тунел за бегство на затворениците. Тој на брифинг со новинарите посочи дека истрагата е во тек, а за детали, новинарите ги упати кај директорот на Управата за извршување санкции, Јовица Стојановиќ.
„Директорот за извршување санкции ќе ги каже тие работи. Не ги знам деталите“, рече Лога.
Прашан дали припадници на затворската полиција знаеле за копањето на тунелот кое траело два месеци, тој посочи дека истрагата ќе треба тоа да го покаже.
„Ние имаме претходни класифицирани информации. Затоа ништо не е споделено со јавноста. Во тек е истрагата, уште е рано да откриваме други детали“, кажа тој.
Тунелот во затворот „Идризово“ беше откриен пред шест дена. За него, МВР знаело два месеци. Тие посочија дека најмалку осум затвореници стојат зад неговото ископување. Внатре имало и светло. Затворениците за кои постои сомнеж дека копале, имаат казни затвор од над 10 години.