„Инфлацискиот раст ќе забави годинава, како во развиените, така и во економиите во развој, како резултат на стабилизирањето на цените на суровините, намалувањето на притисоците на страната на понудата и одлучната реакција на монетарните власти. Знаците на забавување се веќе видливи, сепак е рано да се прогласи победа над инфлацијата. Клучно е да се зачува стабилноста на цените, како и финансиската стабилност, бидејќи тоа е единствениот начин да се зачува довербата на јавноста. Истовремено, финансиските системи треба да се приспособат кон преминувањето кон зелена и дигитална иднина“. Ова беше порачано во воведните обраќања и на првата панел-сесија од Годишниот форум на „Виенската иницијатива“, еден од најголемите годишни собири во областа на финансиите во Европа, којшто годинава се одржува во Скопје и чиј домаќин е Народната банка.
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска посочи на значајната улога на банкарскиот систем за поддршка на структурните реформи.
„Одржувањето на стабилноста и на добрата состојба на банкарскиот сектор е важно и за финансирање на потребните структурни реформи во регионот на ЦЈЕ. Доходот и продуктивноста во регионот заостануваат зад напредните европски економии, а одржувањето на финансиската стабилност и на финансирањето преку банките може да придонесе за намалување на тие разлики. Во исто време, со натамошните климатски промени и технолошките иновации, се поттикнува промената на нашите општества и преминувањето кон позелена и дигитална иднина. Банките можат да имаат клучна улога во финансирањето на двојната транзиција“, истакна таа.
Додаде дека во услови на постојана криза, важна улога има и макропрудентната политика којашто придонесува за отпорноста на банкарскиот систем, а се зголемува и просторот за реакција на монетарната политика. За таа цел, голем дел од централните банки во регионот, вклучително и нашата, по пандемијата донесоа макропрудентни мерки како што се противцикличниот заштитен слој на капиталот и/или заштитниот слој за системските ризици.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, посочи дека нашата земја како мала и отворена економија е чувствителна на надворешните шокови и тие брзо се прелеваат.
„Виенската иницијатива“ е платформа којашто ги поврзува меѓународните финансиски институции, банкарските регулатори и претставниците на банкарските групи од Европа, присутни во регионот на ЦИЈЕ. Таа е формирана преку координација на Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, Европската комисија, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, за време на првиот бран на Глобалната финансиска криза во 2009 година. На Годишниот форум во Скопје учествуваат гувернери на централните банки од ЦИЈЕ и високи претставници на Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој, Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка, Европската централна банка и Европската комисија, како и претставници од банкарскиот сектор.