Врховен суд сега ќе одлучува за иднината на предметот „Транспортер“ за кој ексградоначалникот на Битола, Владимир Талески, издржува затворска казна заедно со поранешниот секретар на општината. Оттаму посочуваат дека предметот за мислење ќе биде доставен до Обвинителство, по што ќе се донесе одлука.
„Во Врховниот суд на Република Северна Македонија доставен е предметот ‘Транспортер’. Во согласност со Законот за кривичната постапка, предметот веднаш ќе биде доставен на мислење во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, вели Врховен суд.
Предметот патуваше од Апелација до Врховен суд три месеци, време во кое се поднесоа жалби на пресудата донесена од второстепените судии. Апелација на крајот од декември им ги намали казните на обвинетите. Талески треба да одлежи седум години затвор наместо осум. Поранешниот секретар на општина Битола Слободан Бончановски, исто така доби намалување на казната, па од шест години сега треба да одлежи 5 години и шест месеци. На дел од управителите на фирми кои добија казни од 2 до 3 години затвор, Апелација им изрече условни осуди.