Утрински Весник
Македонија

Петровска од Брисел: Политиката на Македонија е целосно усогласена со надворешната политика на Унијата

Петровска од Брисел: Политиката на Македонија е целосно усогласена со надворешната политика на Унијата

„Очекувам пораката за заедништво, силна соработка и меѓусебна поддршка во зачувувањето и реафирмирањето на глобалните и европски вредности – демократијата, владеењето на правото и одржувањето на меѓународен поредок базиран на принципи и правила, силно да одекне кај секој од нас. Нема подобар начин да најдеме решенија за денешните безбедносни предизвици од тоа да бидеме заедно и здружени, особено имајќи предвид дека овие предизвици најчесто се од неконвенционална природа“, рече утринава министерката за одбрана Славјанка Петровска во изјава пред почетокот на првиот Безбедносно-одбранбен форум Шуман, на кој учествува на покана на високиот претставник на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел.

dobivaj vesti na viber

Петровска за форумот истакна дека е одлично место и начин да се создадат уште поблиски контакти и мрежа на чинители, и политички и стручни кои со заеднички сили ќе можат да најдат решенија на современите безбедносни предизвици.

На работната вечера која претходеше на Форумот, насловена „Свет кој се менува: справување со заедничките предизвици“, министерката Петровска имаше формално обраќање заедно со своите колеги, министрите за одбрана на Германија, Норвешка, Шведска и Руанда. Пред колегите министри за одбрана и учесниците на Форумот, Петровска порача дека голем дел од заедничките предизвици денес не препознаваат државни и географски граници и дека ни е потребна заедничка акција да се одбраниме и да ги одвратиме овие активности пред тие да станат сериозна закана за нашите општества.

„Безбедносните предизвици со кои се соочуваме денес не се ограничени на конвенционални средства. Тие се комплексни и софистицирани, се појавуваат во различни форми, комбинирајќи и воени и невоени инструменти кои се манифестираат во доменот на дигиталната технологија, сајбер напади и ширење на дезинформации. Ние мораме постојано да ги реафирмираме нашите заеднички вредности и интереси и да имаме искрена и постојана комуникација и координација“, рече министерката.

Петровска порача дека сајбер нападите како дел од хибридните закани можат да имаат негативно влијание врз безбедноста на граѓаните и функционалноста на општествата, додека сериозен предизвик може да претставува и застојот во интеграциите на земјите и регионите, зашто тоа може да доведе до економска стагнација, политичка нестабилност и општествена несигурност.

„Северна Македонија е земја членка на НАТО и кандидат за членство во Европската Унија кој го има започнато пристапниот процес. Нашата заложба е силна, а нашата подготвеност да бидеме дел од европското семејство – видлива. Политиката на Северна Македонија е целосно усогласена со надворешната и безбедносна политика на Унијата и тоа ја покажува нашата посветеност на евроинтегративниот процес“, истакна министерката.

Соработката помеѓу нациите, рече Петровска, е најважна во промовирањето и задржувањето на вредностите, етиката и моралот кој нè обединува и само со заедничко работење можеме да бидеме пример и да инспирираме позитивни промени во глобални рамки.

Првиот форум Шуман се одржува под мотото „Заедно посилни во нестабилен свет“, а е организиран под покровителство на високиот претставник на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел. Целта на овој Форум е да ја зацврсти соработката помеѓу релевантните глобални и регионални актери во областа на безбедноста и одбраната и да биде форум на кој ќе се разговара за клучните безбедносни прашања и начините на зацврстување на меѓународниот мир и безбедност.

На Форумот учествуваат високи претставници од 27-те земји-членки на Унијата и 45 партнерски земји, вклучително и над 20 министри за одбрана, како и претставници на меѓународни и регионални организации како Обединетите Нации, НАТО, ОБСЕ, Африканската Унија, АСЕАН, Советот за заливска соработка и Лигата на арапски држави. Дел од Форумот се и голем број невладини организации, тинк-тенк организации и претставници на академската заедница.

Можете да прочитате

Дурмиши: Пониски цени на над 600 производи за Нова Година

Одбележан Денот на МАНУ – 24info.mk

Чупеска: Очајната пракса на ВМРО-ДПМНЕ за извртување на вистината нема да ме демотивира да се борам против дезинформациите