Македонскиот репрезентативец Дарко Чурлинов ги надмина повредите и повторно ќе биде дел од националниот тим на претстојниот собир за квалификацискиот натпревар против Малта и пријателскиот дуел против Фарски Острови.
„Навистина се радувам и среќен сум што по подолго време повторно ќе бидам дел од македонската репрезентација. Изминатите месеци поради повредата на мускулот беа тешки за мене, но сега повторно сум во натпреварувачка форма и се разбира дека тоа сакам да го пренесам на репрезентативните предизвици кои ни следуваат. Јас ги пропуштив последните три репрезентативни собири и навистина со нетрпение го очекувам собирот за почетокот на квалификациите за ЕП 2024. Речиси секојдневно сме во контакт со репрезентативните колеги и можам да потврдам дека го делиме истото чувство”, вели Дарко Чурлинов, во пресрет на новиот квалификациски циклус за ЕП 2024.
Прв противник на Македонија во квалификациите се селекцијата на Малта која ќе гостува во Скопје.
„За нас, почетокот на квалификациите е многу важен. Фаворити сме против Малта, но тоа треба да го покажеме на терен. Имаме сила, веруваме во себе и така ќе се поставиме. Ќе се обидеме да го пренесеме на терен тоа што од нас го бара селекторот. Некогаш резултатите се добри, некогаш не, но целта е што подобро да ја претставиме Македонија и да постигнеме најдобар можен резултат. Ќе дадеме се од себе во овие квалификации и верувам дека можеме да направиме голема работа“, истакна фудбалерот на Барнли.