„Случајот Негреира“ е нов скандал во шпанскиот фудбал во кој главната улога ја има ФК Барселона. Против каталонскиот тим е покрената кривична постапка за исплата на членот на судиската комисија Енрикез Негреира за совет за судии и откриени се уплати од 7,3 милиони евра во периодот од 2001 до 2018 година. Поранешните челници на клубот имаа интересни одговори зошто биле вршени уплати на сметка на агенцијата на Негреира.
Шпанските медиуми откриваат различни детали од истрагата. Сведоци ќе бидат поранешни клупски челнииц и тренери, а еден од разговорите откриени во овој случај покажува зошто Барса го плаќала Негреира.
„Плативме за да се одбраниме бидејќи судиите постојано му помагаа на Реал Мадрид. Тоа го криевме за да го заштитиме клубот“, изјави еден од поранешните челници на клубот.
За се што се случувало знаел и поранешниот претседател Сандро Росел. Доказ за тоа се неговите изјави дадени во време на првиот мандат на Џоан Лапорта.
„Плаќањата кон Негреира? Ако сакаме да ја имаме нивната почит, мора да продолжиме да плаќаме“, беа зборовите на Росела кои се појавија во јавноста.
Меѓу оние кои ќе бидат повикани како сведоци во овој случај се и поранешните тренери на клубот Луис Енрике и Ернесто Валверде.
„Не знам за никакви судиски извештаи. Изненаден сум. Уверен сум дека се ќе се расчисти. Не се сеќавам дека имавме статистика за судиите кои требаше да ги судат нашите натпревари, како претходно судеа, како игравме кога судат, дали покажуваат повеќе картони. Имаше извештаи што ги добија моите помошници, но јас никогаш не ги ни погледнав“, изјави Валверде.
Во врска со целиот случај, ставот на актуелниот претседател на клубот Џоан Лапорте е јасен. Барселона никогаш не ја купила наклонетоста на судиите и е подготвена да се бори за да го докаже тоа.
Поради овој скандал, доколку бидат прогласени за виновни, на Барселона и се заканува одземање на 15 бодови од оваа и минатата сезона.