Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оствари работна средба со делегација на Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина, предводена од министерот за безбедност, Ненад Нешиќ. На средбата фокусот беше ставен на унапредувањето на меѓусебната соработка и продлабочување на пријателските врски меѓу македонското Министерство за внатрешни работи и босанското Министерство за безбедност.
-Особено ми е драго што можам да констатирам дека односите меѓу нашите две земји и регионалната соработка се на едно исклучително високо ниво, рече министерот Спасовски.
Министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Ненад Нешиќ изрази задоволството што Босна и Херцеговина и Република Северна Македонија немаат отворени прашања, одлично соработуваат како две пријателски земји и тоа и во иднина ќе го негуваат. При тоа беше побарано од министерот Спасовски да ги сподели искуствата поврзани со работата на граничната служба, борба против криминалот и корупцијата, како и внатрешната контрола. Министерот Нешиќ изрази подготвеност за влез во регионалната иницијатива Отворен Балкан, со цел да нема задржување на границите и да тече слободниот проток на граѓани.