Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска изјави дека сè уште не е јасно кој е одговорен за нападот на гасоводот „Северен тек“ минатата година додека не заврши истрагата за саботажа.
„Она што го знаеме е дека имаше напад на гасоводот, но не успеавме да утврдиме кој стои зад нападот“, изјави Столтенберг пред состанокот на министрите за одбрана на ЕУ во Стокхолм, пренесе „Ројтерс“.
Тој додаде дека истрагите на одделни земји се во тек и треба да се почека да завршат и да се утврди кој стои зад нападот.
„Њујорк тајмс“ во вторникот објави дека новото американско разузнавање посочило оти проукраинските сили го саботирале „Северен тек“, а лондонскиот „Тајмс“ денеска објави дека Западот молчел за деталите за нападот на „Северен тек“ за да ја заштити Украина, од каде што наводно доаѓа саботажата.