Без потпишување на договорот, ќе се доведе во прашање институцијата сестра – доктор. Ова го порача Предраг Серафимовски, потпретседател на Синдикатот на Клиничкиот центар, образложувајќи дека: „хигиеничарка со 15 години стаж ќе има поголема плата од сестра со средна медицинска стручна спрема“. Од новиот министер за здравство, Фатмир Меџити, очекува разбирање. Сега, според Серафимовски, се чека одобрувањето на средствата од Министерството за финансии.
„Барањата се јасни, најбргу што може да се потпише договорот за кој се преговараше 3,5 месеци. Тоа е најитна работа. Од 1 март со зголемување на минималната плата, која се зголеми на 20.175 денари, ќе дојдеме, со потпишување на договорот, пак да има дискрепанција помеѓу медицински сестри, хигиеничари, доктори. Без ова, се доведува во прашање институцијата сестра – доктор. Ако ова не се потпише, хигиеничарката ќе има поголема плата од сестрата со средна медицинска стручна спрема“, изјави Серафимовски.
Според него, ако не се потпише договорот, Владата треба да се замисли што и како понатаму.
„Тој (министерот за здравство) мислам дека баш поради тоа што е колега од Клиничкиот, е запознаен со сите работи. Ние преговаравме, разговаравме и со Фондот, кој ги одобри средствата. Мислам дека нема да има никаков проблем. Во спротивно, нека се размисли што и како понатаму. Ако се продолжи само со покачување на минималната плата за хигиеничарите и административците, тогаш им се дава сигнал на докторите, хигиеничарите, сестрите, болничарите и на техничарите биолози да си го фатат патот во еден правец“, додаде тој.
Со барање за покачување на платите и усогласување со промените на минималната плата синдикатите минатиот месец организираа протести на вработените во јавното здравство пред Клиничкиот центар и ГОБ „8 Септември“ во Скопје, како и во други градови во државата.