Утрински Весник
Свет

Гутереш: Напредокот постигнат во однос на правата на жените полека исчезнува во светот

Гутереш: Напредокот постигнат во однос на правата на жените полека исчезнува во светот

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, изјави дека напредокот во правата на жените полека исчезнува ниво светот и дека процените покажуваат оти ќе бидат потребни уште 300 години за да се постигне целосна родова еднаквост.

dobivaj vesti na viber

Во авторски текст по повод Меѓународниот ден на жената, 8 Март, Гутереш изјави дека во пресрет на глобалните предизвици за демократијата правата на жените да донесуваат независни одлуки за сопствениот живот се доведуваат во прашање.

„Две статистики многу илустративно го опишуваат нашиот неуспех. На секои 10 минути жена или девојка е убиена од член на семејството или интимен партнер. На секои две минути по една жена умира за време на бременост или породување. Повеќето такви смртни случаи се целосно спречени“, рече Гутереш.

Тој посочи дека е неопходно да се сменат овие страшни трендови и да се застане во одбрана на животите и правата на жените и девојките насекаде.

Тој изјави дека оваа година Меѓународниот ден на жената е фокусиран на затворање на родовиот јаз во науката, технологијата и иновациите.

„На глобално ниво пристапот и користењето на интернет е 21 отсто поверојатно кај мажите отколку кај жените, а во земјите со ниски приходи разликата е над 50 отсто. Сепак, дури и најбогатите земји се во загуба поради родовите стереотипи и историската пристрасност. Во технолошката индустрија мажите двојно ги надминуваат жените. Во областа на вештачката интелигенција тој сооднос е пет спрема еден“, рече тој.

Тој изјави дека дискриминацијата на жените во науката и технологијата е „последица на вековната патријархалност, дискриминацијата и погубните стереотипи“ посочувајќи дека жените сочинуваат само три проценти од добитниците на Нобеловата награда во научните категории од 1901 година до денес.

„Жените на интернет – вклучувајќи ги и научниците и новинарите – често се цел на сексистички говор на омраза и злоупотреба со цел да ги замолчат и посрамотат. Но, тие нема да бидат замолчени. Жените и девојките насекаде ги бараат своите права, а нивните зборови одекнуваат во целиот свет. Ни треба акција на повеќе фронтови за да се осигуриме дека жените и девојките може да го дадат својот целосен придонес во глобалното знаење преку науката и технологијата“, напиша Гутереш.

Можете да прочитате

Два брода со мигранти се превртеа кај Мадагаскар, 25 лица загинаа

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење