Ниту Европската унија, ниту НАТО не преземаат чекори кон мир во Украина, туку ја зголемуваат ескалацијата на конфликтот, изјави претседателот на унгарскиот парламент, Ласло Ковер.
Коментирајќи ги критиките упатени кон собранието бидејќи досега немало дискусија за кандидатурите на Шведска и Финска за прием во НАТО, Ковер во интервју за “HirTV£ рече дека Унгарија е суверена земја чиј парламент го одредува дневниот ред на сопствена дискреција, пренесува агенцијата “МТИ£.
Шведска и Финска нема да можат да се приклучат на алијансата додека Турција не даде одобрение, рече Ковер, додавајќи дека тоа веројатно нема да се случи до летниот самит на НАТО.
Тој наведе дека причината поради која Унгарија испраќа парламентарни делегации во Шведска и Финска е тоа што владејачките парламентарни групи Фидес и Демохристијаните изразиле загриженост, бидејќи не сметаат дека одлуката за ратификација е автоматска.
Истовремено, додаде тој, треба да се појасни дека Унгарија е суверена членка и на НАТО и на ЕУ и дека доброволно се приклучила на двете организации.
Унгарија не смета дека нејзината позиција во овие сојузи се променила во последните децении, рече тој.
Политичарите кои сега бараат поддршка од Унгарија се однесуваа на начин „кој би го сметале за груб дури и од нашите непријатели“, забележува Ковер.
Треба да биде јасно дека тие немаат право да се мешаат во унгарската политика, рече Ковер.
Тој додаде дека поддршката за прием на Шведска и Финска во НАТО не е прашање на „добро однесување или чувствителност“, нагласувајќи дека „двете земји со години ја навредуваат Унгарија и наштетуваат на нејзините национални интереси“.
– Сега вршат притисок врз институциите на ЕУ да не и ги даваат средствата на Унгарија кои и припаѓаат – додаде претседателот на собранието.
Ковер рече дека шведската и финската армија се добро подготвени и опремени и ќе го зајакнат НАТО.
Според него, оружјето вредно 60 милијарди долари што земјите членки на ЕУ и НАТО и го испратиле на Украина ги направило учесници во конфликтот.
Мирот, како што истакна, на крајот зависи од Русија и Украина.
Ковер повика на компромис кој ќе ги земе предвид и територијалниот интегритет на Украина и безбедносните очекувања на Русија, објави унгарската агенција.