Со официјално обраќање премиерот Димитар Ковачевски го отвори вториот Економски форум во Скопје, во организација на „Делфи економски форум“ и Грчката бизнис-асоцијација во Северна Македонија.
На Форумот присуствуваа влијателни личности од земјата и регионот, претставници на политичкиот и економскиот живот, меѓу кои е и претставникот на ЕУ во земјата, Дејвид Гир, премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, министри, пратеници, претставници на дипломатскиот кор и на меѓународни организации, како и претставници од бизнис-секторот.
За време на Форумот се одржуваат серија панели, на кои ќе се зборува за руската агресија врз Украина, пристапот на Балканот во ЕУ, енергетската перспектива во регионот, инвестициите во инфраструктурата, улогата на жените во обезбедувањето одржливост, странските инвестиции во Северна Македонија и регионот, како и за стратегиите за економски развој и дигитална трансформација.
Во продолжение го пренесуваме интегралното обраќање на премиерот Димитар Ковачевски:
„Огромна чест и задоволство ми е денеска да го отворам вториот по ред Економски форум овде во Скопје, каде што сме домаќини на еден од најголемите регионални собири, кој прерасна во традиционална средба на највлијателните чинители на политичката и економската сфера во регионот и пошироко. Тука, на едно место, ќе ги чуеме ставовите и мислењата на разни чинители, кои, се надевам, ќе се преточат во политиките на државите што ги претставуваме.
Би сакал да ги поздравам и организаторите, Економскиот форум од Делфи, Грција, и Грчката бизнис-асоцијација во Северна Македонија, кои го организираа овој значаен собир во партнерство и соработка со домашните компании.
Би сакал да им посакам топло добредојде на моите драги колеги од регионот, г. Курти и г. Абазовиќ, кои денес ќе присуствуваат во Скопје и ќе учествуваат на Форумот, потоа ги поздравувам и г. Гир, претставниците од дипломатскиот кор, како и вицепремиерите, министрите, пратениците, директорите на претпријатија, како и претставниците од бизнис-секторот од државата и регионот.
Претходниот прв Економски форум се одржа во екот на корона-кризата, а сега, две години подоцна, се соочивме со светската економска и енергетската криза, која предизвика забавување на економиите и раст на инфлацијата на глобално ниво. Владата успеа да го сузбие растот на електричната енергија и да го ублажи ценовниот шок за граѓаните со навремените мерки, со над 760 милиони евра.
Според податоците на Светската банка, во регионот издвоивме највисока буџетска поддршка, дури 5 % од домашниот бруто-производ за справување со кризата.
Морам да напоменам дека сите мерки се носеа во партнерство со засегнатите страни, со поддршка од државите од регионот, на Европската Унија и нашите стратешки партнери – Соединетите Американски Држави.
Економскиот форум годинава го дочекавме во уште еден голем предизвик за кој сме сметале дека ваквите настани ќе бидат дел од историјата и таму ќе останат. Но, за жал, се соочуваме со воената агресија на Руската Федерација врз Украина, која целосно ја измести геополитичката сцена оставајќи огромни последици со кои секојдневно се бориме.
Сепак, и лошото искуство е поука. Барем ние, народите од овие простори, сме поминале турбулентни историски моменти исполнети со конфликти, поделби, раздори, убивања.
Поучени од тие поделби и раздори, не треба да се вртиме кон минатото, туку треба да се фокусираме на иднината, на тоа како да ги подобриме нашите економии, како да им овозможиме на нашите граѓани подобар стандард и поквалитетен живот.
На денешните сесии ќе зборуваме за овие, како и за други актуелни теми од значење за сите нас, креаторите на политиките во регионот и пошироко.
Секоја наша нова средба носи ново искуство, нова размена на идеи, кои ни помагаат на сите во разни домени и драго ми е што повторно се гледаме на Економскиот форум, кој на сите ќе ни ги отвори видиците за подобро утре на нашите сограѓани.
Се гордеам што можам да ги пренесам заклучоците од неодамна одржаната минхенска безбедносна конференција, каде што Северна Македонија е препознаена како фактор на стабилност на Балканот.
Досега сум кажал, но пак ќе истакнам, веќе не е прашање дали Западен Балкан ќе стане дел од ЕУ, туку кога ќе стане дел од ЕУ.
На Економскиот форум гледам како на продолжение, односно надополнување на заедничките регионални иницијативи, меѓу кои и „Отворен Балкан“, каде што преку разни проекти го олеснуваме и подобруваме животот на граѓаните.
Северна Македонија е земја членка на НАТО, земја што ги почна преговорите со ЕУ, земја учесничка во Берлинскиот процес и земја што од оваа година го презеде претседавањето со ОБСЕ. Ние сме земја што отворените прашања на билатерално, регионално или меѓународно ниво ги решаваме по дипломатски пат, а не насилно.
Затоа, за нас е несфатлива и неприфатлива воената агресија на Русија врз Украина, акт со кој се кршат сите меѓународни норми и правила пренесени во меѓународните договори.
Северна Македонија цврсто чекори кон ЕУ. Во оваа пригода би сакал да им се заблагодарам на нашите стратешки партнери, САД и земјите членки на ЕУ, кои во изминатиот период даваа и даваат безрезервна поддршка на нашето членство во Европската Унија, како и поддршка на реформските процеси на тој пат.
Нашата држава, заедно со Србија и Албанија, веќе функционира како Европска Унија во мало. Неодамна Собранието на Република Северна Македонија ги ратификува законските решенија, кои произлегоа од иницијативата „Отворен Балкан“.
Со тоа нема веќе граници меѓу овие три земји. Отворен Балкан е реалност за граѓаните на Северна Македонија, Србија и Албанија, кои ќе може да работат во која било од трите држави, без да вадат работни дозволи, без какви било бариери, без аплицирања и чекања, без административни трошоци. Со тоа се либерализира регионалниот пазар на трудот.
Станува збор за огромна помош и олеснување за компаниите со цел полесно отворање нови работни места и полесно да ангажираат работни кадри и за нив да обезбедуваат добри плати и добри услови за работа.
Ги гледаме придобивките од отворањето на заедничките гранични премини и каков бенефит од тоа имаат нашите граѓани, на кои им се олеснува и скратува движењето преку границите.
Дополнително, од круцијално значење за трговската размена во регионот и пошироко се зелените коридори за што ќе треба заеднички да работиме со цел да го подобриме и прошириме нивното функционирање и кон земјите членки на ЕУ. Со тоа ќе влијаеме и ќе придонесеме за подобар имиџ на нашите економии и држави.
Во оваа пригода сакам да истакнам дека нашата економија и во услови на најголемата криза е стабилна и ќе расте.
Тоа се должи на храбрите одлуки што ги носиме, со цел кризата да ја претвориме во можност.
Направени се значајни постигнувања, а во оваа пригода ќе издвојам само неколку:
Минатата 2022 година е една од најкризните години во Европа, ние имаме рекордна бројка на странски директни инвестиции – 430 милиони евра во технолошко-индустриските развојни зони. Отворени се нови 2.300 работни места, со плати повисоки од државниот просек.
Со цел ние како држава да им помогнеме на компаниите, а во согласност со Законот за финансиската поддршка на инвестициите, во 2022 година исплативме рекордна државна помош од 23 милиони евра на 410 компании, кои вработуваат над 27.000 работници. Минатата година се потпишани нови 277 договори, што е најголем број потпишани договори од донесувањето на законот.
Нашите граѓани, како и граѓаните од регионот на Западен Балкан, заслужуваат европски услови за работа и европски плати.
И кај извозот бележиме рекорди. Извозот на компаниите во зоните достигна највисоко ниво од 3,7 милијарди евра, односно 25 % над највисоката точка, која ја достигнавме во 2021. Пресметките покажуваат дека за секој денар исплатена поддршка од државата во буџетот се враќаат 4 денари“, порача Ковачевски од вториот Економски форум во Скопје.