Аргентинскиот селектор Лионел Скалони, како и селекторката на англиската женска фудбалска репрезентација, Холанѓанката Сарина Вигман се прогласени за најдобри тренери во 2022 во избор кој не беше големо изненадување.
Скалони, кој успеа да го исполни аргентинскиот сон за трета светска титула, денеска и официјално го продолжи договорот со Аргентина до 2026 година, кога на Мундијалот во САД, Мексико и Канада ќе настапи како актуелен шампион. Скалони претходно во 2021 година ја скрши „клетвата“ со интернационалните титули на Аргентина, освојувајќи ја Копа Америка со триумф над Бразил на „Маракана“ во Рио, за во декември да ја освои светската титула со драматичната победа над Франција во финалето во Катар.
Скалони во најтесниот избор ги победи Карло Анчелоти, кој со Реал Мадрид ја освои двојната титула од Ла лига и Лигата на шампиони, како и Пеп Гвардиола, кој повторно триумфираше во Англија со Манчестер сити.
Вигман, пак, во 2022 ја донесе првата европска титула на англиската женска репрезентација по драматичната 2:1 победа над Германија во финалето. Таа ги победи Соња Бомпастор од Лион и бразилската селекторка, Пиа Сандхаге.
Lionel Scaloni: #TheBest FIFA Men’s Coach 2022 👏 pic.twitter.com/j6HyKopWnw
— FIFA World Cup (@FIFAWorldCup) February 27, 2023
🚨 Sarina Wiegman has won #TheBest FIFA Women’s Coach 2022! pic.twitter.com/s8mexAM3xq
— FIFA Women’s World Cup (@FIFAWWC) February 27, 2023