Кина остро ги осуди американските санкции за кинеските компании, кои наводно ѝ дале сателитски снимки од Украина на групата „Вагнер“ опишувајќи ги како нелегални и обвинувајќи ги САД за „отворено малтретирање и двојни стандарди“.
Санкциите „немаат основа во меѓународното право или одобрување на Советот за безбедност и се типични за нелегални еднострани санкции“, рече портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нин.
„Мерките сериозно им наштетија на интересите на Кина. Кина силно го отфрла и осудува ова и упати сериозни жалби до американската страна“, рече Мао.
Да потсетиме, САД ја санкционираа кинеската компанија „Спејсити Чајна“ поради обезбедување сателитски снимки од Украина на групата „Вагнер“ за Русија, пренесе „Индекс.хр“.