По веста дека 11-годишно девојче починало од птичји грип во Камбоџа, експерти во Велика Британија алармираат.
Според локалните медиуми, здравствените експерти прават план, сличен на оној за Ковид-19, со цел однапред да се подготват за можноста вирусот да почне да се шири меѓу луѓето.
Британската здравствена агенција (UKHSA) наведува дека во моментот нема докази дека вирусот побргу и полесно се шири меѓу луѓето и другите цицачи, но предупредува дека високиот степен на пренос кај птиците е постојан ризик.
За да се осигури дека земјата ќе биде подготвена за ширење птичји грип кај луѓето, здравствените власти ги разгледуваат сценаријата за негово ширење.
Оваа одлука е донесена по смртта на 11-годишното девојче во Камбоџа, кое за само неколку дена настрада од птичји грип. Девојчето првпат покажало симптоми на 16 февруари, а на 22 февруари била констатирана смрт. Тамошните власти објавија дека биле тестирани уште 12 лица, кои биле во контакт со болното девојче, а татко ѝ бил позитивен на вирусот, но не покажал симптоми.
Не се знае какви се резултатите од тестовите на другите 11 лица.
Ако ова е пример за пренесување на вирусот од човек на човек, тоа би бил прв таков случај.
Постојат некои докази дека луѓето се заразиле со вирусот од членови на семејството или во здравствени установи, рече UKHSA, но има малку или нема докази за одржлив пренос меѓу луѓето.
UKHSA сега гради модели за да се запознае со можните сценарија доколку ова се промени. Две главни сценарија се во фокусот – благи, каде што стапката на смртност од инфекција е слична на Ковид – околу 0,25 %, и потешко сценарио, слично на пандемијата на грип од 1918 година, каде што околу 2,5 % од луѓето што се заразиле од вирусот починале.
Во случај на поблаго сценарио, тоа би значело дека еден од 400 заразени ќе умре, а во другиот, еден од 40 заразени ќе умре.
Дури и со прилично ниска стапка на смртност од инфекцијата, тешкото сценарио може да доведе до „значителни разлики во однесувањето во споредба со неодамнешното искуство со пандемијата“, рече UKHSA.
Во пресрет на моделирањето UKHSA размислува како би можеле да се откријат епидемии кај луѓето, вклучително и користење тестови во стилот на Ковид.
Тие исто така развиваат тест на крвта кој открива антитела против вирусот и анализа на генетски мутации, кои би сигнализирале зголемен ризик за здравјето на луѓето.
Водечките светски експерти за грип ќе се состанат в петок за да разговараат за опасностите од птичјиот грип за луѓето.
Група научници, законодавци и производители на вакцини се состануваат двапати годишно за да одлучат кој вид сезонски вирус да се вклучи во вакцината за претстојната зимска сезона.
На овој состанок ќе се разгледа и ризикот од ширење на вирусот на луѓето и предизвикување пандемија.
Вирусот веќе се прошири од птици на видри, лисици и мачки, а епидемија на фарма за куни предизвика стравувања дека вирусот се шири меѓу животните.
„Поподготвени сме отколку за Ковид, но дури и да сме поподготвени, сè уште не сме доволно подготвени“, рече Силви Бријанд, директорка на СЗО за глобална подготвеност за заразни болести, во пресрет на состанокот.
„Навистина треба да продолжиме со нашите напори за пандемичен грип“, додаде таа.