„Најновата ранг листата, објавена од Академијата за судии и обвинители, на кандидати кои положиле и ќе бидат следните судии и обвинители, само дополнително ја поткопа довербата во судскиот систем. Имено, најголем дел од кандидатите кои положиле се деца на актуелни политичари, како синот на Таљат Џафери – Барлет Џафери, за кој се обзнани дека полагал правосуден испит, иако не исполнувал услови и наместо да биде санкциониран, тој е награден на овој начин“ соопштуваат од партијата Левица.
Оттаму велат дека „сопругата на сегашниот градоначалник на општина Аеродром, Тимчо Муцунски е една од кандидатите од оваа листа. Династијата Муцунски започнува уште со неговиот татко, Звонко Муцунски, кој е дипломат од кариера. Неговиот син, Тимчо Муцунски, во 2015 година незаконски беше избран за асистент докторанд на Правниот факултет“.
„Тука е и сопругата на актуелниот шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази, Албулена Абази, која е 51-ва на ранг листата. И таа, како и Барлет Џафери, ќе биде јавен обвинител. Наместо воспоставување систем на професионализам и отстранување на непотизмот, кој 30 години како метастаза се шири и ја намалува довербата во судството, се бираат кандидати за судии и обвинители и се прават недопирливи династии. Од друга страна, се создава плодна почва за судии и обвинители од „тефтерчиња”, кои нема да го гонат криминалот и корупцијата на роднинско поврзаните функционери“ се вели во соопштението на Левица.
Посочуваат – „политичката култура на деградирање на владеењето на правото е заеднички креирана од СДС-ДУИ-ДПМНЕ, преку обезбедување на гаранции за неказнивост на нивните криминали, кои секојдневно се трудат да ги скријат или застарат“.