Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта тврди дека шефот на шпанската Ла лига, Хавиер Тебас е „опседнат“ со валкање на имиџот на неговиот клуб по истрагата за исплатата на средствата на поранешниот потпретседател на судиската комисија во Шпанија. Ова доаѓа откако Тебас му порача на Лапорта дека мора да си даде оставка ако не најде разумно објаснување за овие исплати.
„Господинот Тебас повторно е во напад. Бевме предупредени дека промовира кампања против Барселона и против мене лично. Сега, маските паднаа. Неговата опсесија со Барселона продолжува. Сакам да ве потсетам дека тој во целата своја кариера е против Барселона. Во 2005 не сакаше Лионел Меси да игра за Барса и се бореше против неговата регистрација, на пример. Тој не ни прости што не потпишавме комерцијален договор со ‘ЦВЦ’, туку што потпишавме подобри договори за нашиот клуб. Исто така, не може да ја поднесе Суперлигата. Господинот Тебас вели дека треба да се повлечам. Неговата намера е да ја контролира Барселона и да ја дестабилизира. Нема да му го дадам тоа задоволство. Барселона е клуб кој е во сопственост на своите членови и ќе добие силен одговор. Клубот е изграден со напорна работа и спектакуларен фудбал. Нема да дозволиме некој да го валка нашето име“, изјави Лапорта денеска на „Ноу Камп“.
Според шпанските даночни власти, Барселона исплатила над 1.3 милиони евра на компанија во сопственост на Хозе Марија Енрикез Негреира, кој беше потпретседтел на судиската комисија на Ла лига, во исплата направена од 2016 до 2018 година под водство на претходниот претседател Жозеп Марија Бартомеу. Меѓутоа, ова е само дел од исплатата која ја истражуваат властите, откако се откри дека Негреира добил над 7 милиони евра од 2003 година, период во кој и Лапорта беше претседател.
„Ако не може да објасни што плаќал, тогаш треб да се повлече. Не ни даде разумно објаснување за исплатите. Тие тврдат дека секој фудбалски клуб го прави истото, но не е така“, изјави Тебас.