Брус Вилис покажувал знаци на когнитивно опаѓање со години, двапати пукал од пиштол наполнет со ќор-фишеци (лажни куршуми) на погрешен знак и гласно се прашувал што прави на снимање, според луѓето што работеле со него.
Во тригодишниот период пред да се пензионира, Вилис снимил 22 нискобуџетски филма, а вработените на сетот многу бргу почнале да сфаќаат дека нешто се случува со актерот, пишува „Дејли мејл“, кој потсетува дека Вилис се повлече од актерството на 67-годишна возраст по дијагностицирањето деменција.
Вилис секогаш носел слушалки за време на снимање за да може некој да му го чита сценариото, кое тешко го паметел, а наводно еднаш погрешно пукал од пиштол за време на снимање акционен филм.
Во текот на снимањето на филмот White Elephant („Белиот слон“) тој наводно прашал некого од колегите: „Знам зошто си тука, но што правам јас?“
„Белиот слон“ го режира Џеси В. Џонсон, кој работел со актерот пред неколку децении кога тој сè уште бил каскадер. „Беше јасно дека тој не е Брус на кој се сеќавав“, рече тој.
„Тој беше само марионета, ни рекоа првин да снимиме што има и да го пуштиме рано да си оди дома“, се сеќаваат вработените во филмскиот сет во разговор со „Лос Анџелес тајмс“.
„Сите ние сме фанови на Брус Вилис, а таа улога во White Elephant беше погрешна и прилично тажен крај на една неверојатна кариера“, велат колегите на Вилис.
На сетот на Hard Kill („Тешко убиство“) од 2020 година наводно имало инцидент со пукање од пиштол. Најмалку две лица тврдат дека Вилис пукал во погрешна насока иако продуцентот на филмот го негира тоа.
Лала Кент, која глумеше ќерка на Вилис во Hard Kill, се сеќава дека акциониот херој неочекувано испукал со пиштол на погрешен знак двапати за време на снимањето во 2020 година.
Во една сцена неговиот лик требало да влезе и да ја заштити од негативци. Вилис требало да каже реченица која требало да биде сигнал за Лала да се наведне пред тој да пука. Но, Вилис не го сторил тоа.
За среќа, никој не бил повреден на сетот, а оружарот подоцна ги негирал тврдењата дека станува збор за „опасна ситуација“.
„Дејли мејл“ пишува дека акционите сцени или деловите за кои беа потребни акробации најчесто ги изведувал каскадер наместо Вилис.
На актерот му била дијагностицирана деменција на 67-годишна возраст.