Утрински Весник
Економија

Има бум на фотоволтаици, Бектеши и Анѓушев повикаа да се внимава да не се произведе повеќе струја отколку што ни треба

Има бум на фотоволтаици, Бектеши и Анѓушев повикаа да се внимава да не се произведе повеќе струја отколку што ни треба

Македонската енергетска асоцијација (МЕА), Министерството за економија и Регулаторна комисија за енергетика денес иницираа доработка на законите за да се дозволи складирање на вишокот произведена струја во батерии. Министерот за економија, Крешник Бектеши и претседателот на МЕА предупредија дека со сегашната законска регулатива и огромниот интерес за инвестирање во обновливи извори на енергија, државата може да се доведе во состојба да има поголемо производство на струја отколку што и е потребно.

dobivaj vesti na viber

„Имаме речиси бум во делот на инвестиции во обновливи извори на енергија во државата, согласно податоците од ЕВН, МЕПСО и тоа што го имаме ние како Влада. Затоа би сакал и преку вас медиумите, да ги повикам сите потенцијални инвеститори внимателно да ги следат сите процедури, да не се наведеме на тоа да имаме многу поголемо производство отколку потребите кои ги има државата. Ние секогаш повикуваме да се обрне големо внимание на обновливите извори на енергија, но технички зборувано, во државата, за потребите на држава производството  е лимитирано во Стратегијата колку може да се гради, од какви видови на извори, вклучувајќи тука фотонапонски извори, ветерници, биомаса и слично“, рече министерот Бектеши.

Анѓушев објасни дека енергетската транзиција, преминувањето кон алтернативни извори на енергија, што сега ни се случува, мора да се прави на начин како што треба за да не стане поголем проблем место решение. Предупреди дека може се појави проблем со огромни вишоци на енергија произведени едновремено оти сите фотоволтаици во исто време произведуваат струја која засега не се складира. 80 отсто од електричната енергија што се произведува во текот на годината се произведува од април до септември и во периодот од девет часот наутро до пет часот попладне.

„Не смееме во тој период да дозволиме да има големи вишоци со илјадници киловати бидејќи во тој случај нема да се знае што да се прави со таа енергија доколку дојдеме до таква точка. За да не се дојде до таа точка или ако веќе оди во таа насока работата на инсталирање на големи проекти во фотоволтаици, единственото решение е таа енергија да се складира. Складирањето, покрај во конвенционалните методи како реверзибилни хидроелектрани како Чебрен која треба да се изгради попатно кажано, бидејќи тоа е едно решение, е во таканаречените батериски системи кои во последно време се хит и се единствено решение за овие проблеми. Тие треба да се опфатат и со легислативата во нашата држава во законските и подзаконските акти . На денешниот состанок ја инициравме таа постапка. Во законот ги има но легислативата треба да се доработи“, рече Анѓушев.

На денешниот состанок договориле формирање работни групи составени од Министерство за економија, Регулаторна комисија, МЕПСО, ЕВН и МЕА со цел да се забрза тој процес кој, пак, ќе овозможи извесност и предвидливост за сите инвеститори во иднина.

Можете да прочитате

Дурмиши: Oд март 2025 зголемување на минимална плата

УПОЗ не отстапува од барањето за покачување на минималната плата на 450 евра

Се подготвува новогодишната кошничка: Околу 600 производи еден месец ќе бидат по намалена цена