И натаму не се знае кога пациентите, кои боледуваат од цистична фиброза, ќе го добијат лекот „трикафта“. Премиерот Димитар Ковачевски на нова прес-конференција одново ја повтори процедурата за набавка. И самиот потенцира дека лекот ќе стигне 30 дена по нарачката. Но, во моментот носењето на лекот е во фазата кога најпрвин треба да бидат променети три закони, процедура што не се знае колку може да потрае.
„Во рок од 30 дена може да се испорача лекот за цистична фиброза, а кога ќе се направи нарачка, тогаш се произведува лекот. Веднаш штом ќе се склучи договор со производителот, тој нуди уште една услуга, да изработи своја статистика за тоа колку можни пациенти би имало во иднина за да може тие податоци да му бидат достапни на Министерството со цел да ги планира финансиските средства за лекот“, рече Ковачевски.
Го повтори ставот дека финансиските средства се обезбедени.
„Финансиските средства се обезбедени за пациентите со цистична фиброза и доставувачот на лекот има обезбедено количини за најкритичните пациенти од единствениот производител“, појасни премиерот.
Набавката е во фаза на дефинирање на измените на трите закони, кои ќе мора да ја минат и собраниската процедура за нивно донесување.
„Тимовите на Министерството за финансии и на Министерството за здравство работат на промените на законите по примерот на другите држави за лек што е патентиран и се произведува од само еден производител за тој да се обезбеди со директно преговарање. Бидејќи таа законска можност не постои кај нас како што постои во другите држави, јас верувам дека тоа сите пратеници ќе го поддржат во Собранието и ќе имаме по итна постапка менување на тој дел од законот“, рече тој.
За оваа намена од Фондот за здравство минатата недела беа одобрени над 2,2 милиона евра, а во соработка со сите релевантни институции во изминатите неколку дена беа завршени сите постапки со кои се овозможува непречена итна набавка на лекот „трикафта“ за критичните пациенти.