Се покажа вистинското лажно лице на ВМРО-ДПМНЕ, не гласаа за Договорот со Фронтекс. Не гласаа за првиот Договор со кој македонскиот јазик официјално влегува во ЕУ, истакна на денешната прес-конференција Миле Талески пратеник од СДСМ.
Ниту еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, вели тој, не беше присутен кога се ратификуваше првиот Договор со ЕУ потпишан на официјален македонски јазик, без фусноти и без додавки.
„ВМРО ДПМНЕ не е само против ЕУ тие се и против македонски јазик во ЕУ. Исто се случи и со гласањето за законите поврзани со Иницијативата Отворен Балкан кои обезбедуваат поголема мобилност на работната сила и слободен пазар на труд во трите земји од иницијативата. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ денеска одново докажаа дека се деструктивци кои работат спротивно на интересите на државата и граѓаните“, додава Талески.
„Откако со месеци лажеа и ширеа хистерија дека македонскиот јазик ќе бил загрозен, дека ќе имало асимилација и бугаризација, откако не смогнаа сили да честитаат за потпишувањето на Договорот со Фронтеск на официјален македонски јазик, денеска пратениците од МРО-ДПМНЕ не гласаа за ратификација на овој Договор. Додека се носат важни закони за граѓаните и државата, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ платени со парите од граѓаните, не се во салата, не се на своето работно место, не гласаат и не даваат никаков придонес“, дополнува пратеникот од СДСМ.
Но затоа, како што вели, се први во пленарната сала кога бараат амнестија за осудени криминалци и хулигани, кога треба со вувузели, закани и тропања да се обидат да закочат некое важно законско решение.
Оценува дека тоа е односот на ВМРО-ДПМНЕ кон законодавниот дом, тоа е односот кон граѓаните што ги гласале, тоа е нивниот однос кон сопствената држава.
Според Талески, ВМРО-ДПМНЕ се нервозни што не им успеа сценаријата за предвремени избори. Вака, дополни тој, тие уште долго ќе останат во опозиција.