Утрински Весник
Култура

Костадиновска-Стојчевска: Во 2023 културата останува во духот на разновидноста, традицијата и националниот идентитет

Костадиновска-Стојчевска: Во 2023 културата останува во духот на разновидноста, традицијата и националниот идентитет

Mинистерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешната прес-конфренција по повод резултатите од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2023 година истакна дека оваа година, според исходот од конкурсите, културата останува во духот на разновидноста, традицијата и националниот идентитет.

dobivaj vesti na viber

„Станува збор за проекти од јавен интерес, кои ќе ги промовираат достигнувањата на нашите уметници и вредностите на домашното творештво и културно наследство, што е и една од нашите цели“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.

Буџетот за поддршка на проекти во културата за оваа година изнесува 12,5 милиони евра.

Аплицирањето за Годишните конкурси за финансирање проекти, како што рече министерката за култура, за првпат се спроведе на националниот портал за е-услуги и за првпат решенијата за прифатени, одбиени и отфрлени проекти ќе бидат електронски испратени на профилот на корисниците.

„Во електронскиот систем се евидентирани 3355 релевантни пријави. Поради нецелосна документација, во согласност со општите услови од конкурсите, административно се отфрлени 332 пријави“, информираше Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека и во самите извештаи на комисиите е потенцирано дека со целосното аплицирање на електронски начин, значително се зголемила ефикасноста на работата при административната селекција на проектите.

Комисиите кои одлучуваа во врска со пријавите по дејности, како што кажа министерката за култура, останале доследни на принципите: квалитет на проектите, нивното значење за јавниот интерес во културата, нивната релевантност за потребите на граѓаните, поддршка на младите и стимулирање на нивната креативност, поддршка на проекти наменети за деца, поддршка на културите на етничките заедници, поддршка на проекти за ранливите и маргинализираните, како и принципот на родова еднаквост. Комисиите внимавале да поддржат проекти и од подносители кои досега не користеле средства од буџетот на Министерството за култура, проекти со интеркултурен карактер и проекти што одат во полза на деметрополизација на културата, како и проекти кои ја афирмираат нашата култура и уметност надвор од границите.

Во согласност со спецификите на одделни дејности, комисиите имаа и соодветни критериуми за бодување и за што пореално вреднување на секој предложен проект, рече министерката за култура, додавајќи дека 2023 е година и на значајни јубилеи и годишнини.

Соодветните комисии го имаа предвид и овој факт, поддржувајќи квалитетни проекти во пресрет на: 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, Година на Ацо Шопов, 120 години од Илинденското востание, 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков и 70 години од основањето на Институтот за македонски јазик кој го носи неговото име. Сто и петнаесет години од раѓањето и 80 години од загинувањето на Коста Рацин. Сто и дваесет години од раѓањето и 50 години од смртта на Никола Мартиноски. Исто така, поддршка добија и јубилеите: 115 години од раѓањето на Коста Рацин, 120 години од раѓањето на уметникот Никола Мартиноски, како и 75 години на сцената на КУД „Емин Дураку“ и на КУД „Јени Јол“.

Со годишната програма како што рече, Костадиновска-Стојчевска, продолжува финансирањето и на заштитата на културното наследство, со приоритет на она што е во опасност, како и заштитата и дигитализацијата на аудиовизуелни добра.

На крајот Костадиновска-Стојчевска посакувајќи успешна реализација на проектите, изрази уверување дека тие како што рече, ќе бидат додадена вредност во перцепцијата на културата, но и поттик за уметниците и авторите да продолжат со вложување во својата професионална кариера.

Резултатите од конкурсите се објавени на веб-страницата на Министерството за култура.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“