Украинските родители и сестрата на Халина Хачинс поднесоа граѓанска тужба против актерот Алек Болдвин и други поради смртта на снимателката на снимањето на вестернот Rust во Ново Мексико во 2021 година, изјави во четвртокот адвокатот на семејството.
Оваа објава доаѓа откога окружниот обвинител на Санта Фе поведе обвинение на 31 јануари. Обвинителството го товари Болдвин за несовесно занемарување на безбедноста кога револверот што го држел испукал вистински куршум, кој ја усмрти Хачинс и го повреди режисерот Џоел Соуза. Обвинението против Болдвин и оружарката на филмот, Хана Гутиерез-Рид, беше подигнато една и пол година по трагичниот инцидент.
Обвинителството во американската сојузна држава Ново Мексико наведе неколку крајно непромислени дејства или непромислено откажување од мерките на претпазливост во деновите и минутите пред смртниот истрел. Болдвин, кој покрај главната улога е и продуцент на филмот, при вежбање на сцена ракувал со пиштолот што го испукал фаталниот истрел. Обвинителството ги товари двајцата за убиство од небрежност. Во случај да бидат прогласени за виновни, тие се соочуваат со казна затвор до пет години.
Болдвин во октомври ја реши посебната тужба поднесена од сопругот на Хачинс, Мет Хачинс, поради фаталното пукање.
Хачинс е родена во Украина. Нејзините родители и сестра живеат во близина на Киев. Во тужбата тие бараат неодредена отштета – според законот на Ново Мексико – од Болдвин, од членовите на екипата и од продуцентите, изјави адвокатката Глорија Алред.
„Секој што е одговорен за нејзината загуба мора да одговара“, вели на руски Светлана, сестрата на Хачинс, во видео преведено на англиски, а во кое не е наведено нејзиното презиме.