Хрватскиот тренер Владимир Шола е новиот селектор на машката ракометна репрезентација на Црна Гора.
Црногорците останаа без селектор по одлуката на Зоран Рогановиќ да се повлече по Светското првенство во Шведска и Полска каде се пласираше во втората фаза, но не успеа да избори место во четвртфиналето.
„Претседателот на Црногорскиот ракометен сојуз Петар Каписода разговарал со повеќе потенцијални кандидати и имајќи ги предвид нивните референци и усогласеноста со плановите на Сојузот во наредниот период, предложи и доби поддршка од Управниот одбор Шола да биде новиот селектор“, се вели во соопшетнието од Ракометниот сојуз на Црна Гора..
Еден од најдобрите хрватски голмани на сите времиња, постигна исклучителни резултати како играч, освои пет медали на најголемите натпреварувања.
Се издвојуваат златниот медал на Светското првенство во Португалија во 2003 година и златниот олимписки медал во Атина во 2004 година.
За хрватската репрезентација одигра 132 официјални натпревари во периодот од 1991 до 2005 година.
По завршувањето на кариера во 2008 година беше тренер на повеќе клубови во Хрватска, Русија, Катар и Кина, а како тренер на голманите во стручниот штаб на хрватската репрезентација освои бронзен медал на Олимписките игри во Лондон. во 2012 година.