Јунус Емре Каја и неговата свршеница Ѓулчин планирале заеднички живот пред земјотресот во понеделникот да им ги уништи соништата. Каја денеска се збогува со својата вереница и го идентификува нејзиното тело во спортската сала во Кахраманмараш. Во салата беа положени телата и на други жртви од катастрофата.
Ја искористи приликата за последен пат да ја прегрне својата свршеница со која требаше да се ожени во април, пишува „Ројтерс“.
„Планирав да ја облечам во венчаница, а сега треба да ја подготвам за погреб“, рекол тој.
24-годишниот текстилен работник ја запознал Ѓулчин по отслужувањето на воениот рок пред три години. Ѓулчин тогаш имала 16 години.
Раскажува дека нејзината смрт го оставила вкочанет.
„Замислете некој ви ги врзал рацете и нозете и не можете да станете. Нема храна, нема вода, нема воздух. Таков сум јас. Јас сум како мртовец што оди“, ги опишал своите чувства Каја.
Во моментот на земјотресот тој спиел дома, пишува Гардијан.
Ја грабнал мајка си и ја извел на улица, пред да истрча директно до куќата на својата вереница. Нејзиниот дом го нашол во урнатини, нагласува како гледал луѓе во урнатините и ги слушал криците на заробените долу. Подоцна дознал дека и Ѓулчин и нејзината сестра умреле.