Од една од најбогатите општини во државата, градоначалникот Бобан Стефковски и ВМРО-ДПМНЕ, за помалку од една и пол година направија задолжена општина, без визија за развој, без проекти и решенија за граѓаните. Вчера, Стефковски и Советот, предводен од ВМРО-ДПМНЕ, ја задолжија Гази Баба за пет милиони евра преку таканаречената општинска обврзница, истакна Александар (Саша) Димитријевиќ, координатор на советничката група на СДСМ во Советот на Општина Гази Баба.
Стефковски, додаде тој, наследи полна општинска каса со 3,2 милиони евра, како и низа почнати проекти за кои не требаше да потроши ни денар затоа што тие веќе беа финансирани претходно.
„Стефковски да одговори каде ја потрошил оваа заштеда во рок од само една година за денес да мора да ги задолжува жителите на Гази Баба. Градоначалникот и советниците од ВМРО-ДПМНЕ вчера ја задолжија Општината, без да ги наведат проектите што ќе се финансираат од задолжувањето, без да го наведат рокот на отплата, без да ја објавата каматната стапка. Едноставно, Стефковски има дискреционо право како сака да ја задолжува Општината“, нагласи Димитријевиќ.
Оценува дека со издавањето на оваа обврзница, која може да ја купи секој, се твоора простор одредени компании и бизнис-групи преку финансирањето на обврзницата да вршат притисок врз работата на градоначалникот и Советот.
„За пет милиони евра, Гази Баба лесно може да стане заложник на нечии бизнис-интереси, на одредени групи, кои потоа може да диктираат носење урбанистички планови и тендерски постапки. Освен задолжување, масовна партизација и трошење на парите на граѓаните за непродуктивни цели, Стефковски и ВМРО-ДПМНЕ не сработеа ништо во Гази Баба. Играјќи по нотите на Христијан Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ ја турна Гази Баба во безидејност и бесперспективност, потенцира координаторот на советничката група на СДСМ во Советот на Општина Гази Баба.