Цементарница УСЈЕ АД Скопје целосно ги отфрла обвинувањата на Град Скопје дека не се придржувале кон обврските за максимално дозволените граници на испуштање штетни гасови во амбиенталниот воздух.
УСЈЕ во својата реакција наведува дека при вонредната контрола од страна на Државниот инспекторат за животна средина, спроведена на 3. и 4. јануари потврдено е дека емисиите од производниот процес се одвива во законски определените рамки и според еколошките стандарди. Притоа, како што објаснуваат, поради енергетската криза и нарушеното снабдување со природен гас, за загревање на просториите се употребуваше мазут што е дозволен енергенс согласно А-Интегрираната Еколошка Дозвола, а кај парниот котел, кој не е дел од производниот процес и е исклучиво наменет за загревање на просториите, било регистрирано отстапување кај еден параметар од мерењата.
„Неосновано е врз основа на еден параметар каде што беа утврдени повисоки вредности, да се носи заклучок дека компанијата е виновна за состојбите со загадувањето. Во тек е постапка со надлежната институција, во чии рамки ќе се разгледаат сите релевантни аспекти. Во меѓувреме компанијата веднаш ги имплементираше препораките на инспекторатот и направи замена на енергенсот со природен гас. За разлика од УСЈЕ, многу јавни објекти во градот продолжуваат да користат мазут за загревање, а јавноста не е информирана дали на овие објекти се вршат какви било мерења.
Покрај тоа мерењата направени на 3. и 4. јануари 2023 во кругот на Цементарница УСЈЕ, уште еднаш потврдуваат дека нема корелација помеѓу работата на Цементарницата и квалитетот на амбиентниот воздух во градот. Резултатите од мерењата на сите емисиони точки во процесот потврдуваат дека нема надминување, а концентрацијата на РМ10 честичките во амбиентниот воздух измерена во Цементарница УСЈЕ е дури и помала од други мерни места во градот Скопје и во другите градови во земјата.
Целосна невистина е дека УСЈЕ со својата работа и претходно влијаел на загадувањето во главниот град. Тоа го потврдуваат сите наши извештаи кои се доставувани до институциите, како и независните мерења од акредитирани лаборатории.
Со оглед на фактот, дека во јавноста се изнесуваат обвинувања и констатации кои не се поткрепени со факти или со научни докази, а во насока на заштита на вистината, ние ќе покренеме соодветна правна постапка пред надлежните органи“, се наведува во реакцијата на Цементарницата.