Утрински Весник
Свет

Шведскиот премиер: Турција има барања кои Шведска не може да ги исполни

Шведскиот премиер: Турција има барања кои Шведска не може да ги исполни

Турција, која од мај го блокира влезот на Шведска и Финска во НАТО, има барања кои Шведска не може да ги исполни, изјави денеска шведскиот премиер Улф Кристерсон. „Турција, исто така, потврдува дека го направивме она што рековме дека ќе го направиме, но тие исто така велат дека сакаат работи што не можеме и не сакаме да им ги дадеме“, рече Кристерсон на конференцијата за одбрана и безбедност во присуство на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

dobivaj vesti na viber

„Убедени сме дека Турција ќе донесе одлука, само не знаеме кога“, рече премиерот и додаде дека одлуката е на Турција.

Таа одлука зависи од повеќе фактори на внатрешната политика на Турција.

Кон крајот на декември, Анкара ги забележа „позитивните мерки“ преземени од Стокхолм, но повика на „други важни чекори“ за отстранување на пречките за влезот на Шведска во НАТО, изјави тогаш турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

Изјавата уследи по одлуката на шведскиот Врховен суд да одбие да го испорача новинарот Булент Кенес во Турција, на барање на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Врховниот суд на Шведска тогаш објави дека има „пречки за екстрадиција бидејќи се работи за таканаречени политички злосторства, односно злосторства насочени против државата и од политичка природа“.

Само турскиот и унгарскиот парламент не го ратификуваа влезот на Шведска и Финска во НАТО.

Шефот на финската дипломатија Пека Хависто на маргините на денешната конференција повтори дека неговата земја ќе влезе во НАТО истовремено со Шведска.

„На Финска не и се брза да се приклучи на НАТО за да не може да чека Шведска да добие зелено светло“, изјави Хависто за новинарите.

Можете да прочитате

ФСБ спречила обид на украинските служби да активираат автомобил- бомба на Кримскиот мост

Макрон: Путин не сака мир, туку капитулација на Украина

Билд: Трамп сака утре прво да има тет-а-тет средба со Зеленски, а потоа и со европските лидери