Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна дека не се ветувале чуда, но се ветила многу работа, труд и проекти и тоа се случува. Тој заедно со градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, најавија мега инвестиции во Велес во вредност од околу 200 милиони денари.
„ Помина тешка година зад нас, но и година во која Општина Велес инвестираше 100 милиони денари за инфраструктурен развој и решавање на нови проблеми. Оваа година се продолжува со зголемен интензитет. Чесно и најважно посветено ќе се инвестираат нови 197 милиони денари за капитални проекти, рече Мицкоски.
Тој посочи дека Општина Велес ќе добие нов затворен пазар со вкупна вредност од 80 милиони денари и тоа е само еден од проектите.
„ Следуваат многу нови содржини и решени проблеми. Покажуваме дека овие мали промени можат да донесат големи чекори напред и заеднички победи. За заедничка иднина, промените на дело, изјави Мицкоски.
Колев истакна дека долги години потребите на граѓаните на Велес биле запоставени, а одлуките биле носени зад затворени врати.
„ Тоа го менуваме, а заедничката иднина ја градиме заедно со народот, со директна комуникација, согласно нивните барања. Ги отворивме вратите на општината и заедно со народот го креиравме новиот буџет, изјави во своето обраќање градоначалникот Колев во кампањата „Промените на дело“ во организација на ВМРО-ДПМНЕ.
„ Минатата година успеавме да ги изградиме водоводот во населеното место Сопот. Изградивме два нови паркинзи, изградивме нов полигон за велосипеди, продолжуваме со уште позитивно темпо и во оваа година, рече тој.
Колев додаде дека голем број негови сограѓани предложиле проекти за реконструкција на голем број на улици и по нивно разгледување може да каже дека се обезбедени 1,5 милиони денари за подобрување на патната инфраструктура, а ќе се вложат и 200 милиони денари во капитални проекти.
„ Ви благодариме на сите за идеите и сакам да знаете дека вратите во општината ви се секогаш отворени за било која потреба, заедно да решаваме проблеми. Општина Велес, оваа година ќе отпочне со реализиција на голем број на проекти и капитални решенија. Ќе го изградиме кејот на реката Вардар, ќе направиме целосна реконструкција на уличното осветлување и ќе инвестираме сериозни финансиски средства во подобрување на патната инфраструктура, водовод и канализација. Вложуваме над 200 милиони денари во капитални инвестиции за 2023 година. Се бориме заедно за Велес, секој ден. Ќе направиме уште многу за иднината каква секој од вас ја заслужува. За промените кои ги чувствувате одговорно и посветено. Промените на дело, потенцираше Колев.