Полина Череповицкаја која се породи во декември, е една од стотиците Русинки кои минатата година отпатувале во главниот град на Аргентина за да се породат.
Од почетокот на руската инвазија на Украина, оваа јужноамериканска земја бележи бум на рускиот „туризам за породувања“ – практиката да се патува во друга земја за да се породи и да се добие државјанство за дете.
Георги Полин, шеф на конзуларното одделение на руската амбасада во Аргентина, процени дека меѓу 2.000 и 2.500 Руси емигрирале во Аргентина во 2022 година, а многу од нив, како што рече, се всушност Русинки кои планираат да се породат во таа земја.
„Во 2023 година, тој број може да се искачи на 10.000“, рече Полин.
На Русите не им е потребна виза за да ја посетат Аргентина, а продолжувањето на стандардниот 90-дневен престој издаден од земјата, како и барањето дозвола за престој, исто така е прилично едноставно.
Една од клучните предности на аргентинскиот пасош, е тоа што нејзините граѓани можат да патуваат без визи во 171 земја, вклучувајќи ги ЕУ, Велика Британија и Јапонија, додека добивањето долгорочна американска виза „не е толку тешко“.
Дури и пред војната, Русите можеа да одат без визи во само околу 80 земји. А откако Путин ги испрати своите војници во Украина, неколку европски земји практично ја оневозможија посетата на Русите, додека во западните конзулати во Москва се формираа огромни редици за визи, за кои требаше да се чека еден месец.
Русинките кои се преселуваат во Аргентина за да се породат плаќаат меѓу 1.000 и 8.000 фунти на брокери кои нудат услуги кои се движат од договарање преведувачи и помош со документи до организирање фотосесии со нивните новородени бебиња.
Сепак, тешко е да се добијат податоци за тоа колку Русинки патуваат во Аргентина само за да се породат.
Кирил Макојев, основач на агенцијата Baby.RuArgentina, изјави дека само неговата компанија помогнала на повеќе од 100 Русинки и нивните партнери во изминатата година.
Маковев се пресели во Аргентина во 2014 година, работејќи прво како туристички водич, но рече дека брзо го видел потенцијалот на земјата како туристичка дестинација за породувања, основајќи ја својата агенција во 2018 година.