Ракометната репрезентација на Македонија се подготвува за Светското првенство, вечерва ќе одигра ревијален натпревар „Сите ѕвезди“ со генерацијата која го освои петтото место на ЕП во Србија, а во меѓувреме ИХФ ги откри ковид-протоколите за претстојниот Мундијал во Полска и Шведска.
Повторно се враќаат на сила ковид-тестовите и интензивното тестирање на сите ракометари и членови на стручниот штаб. Сите ракометари ќе бидат тестирани пред првиот натпревар, пред главната групна фаза и пред четвртфиналето. Во случај на позитивни случаи на Ковид-19, инфицираниот ракометар или член на стручниот штаб ќе мора да замине во петдневен карантин и потребен му е негативен тест потоа за да излезе и да се врати како учесник на шампионатот.
На претходното Светско првенство во Египет и на последниот Европски шампионат во Унгарија, Норвешка и Шведска ковид-тестовите создаваа многу проблеми за сите репрезентации, а посебно во Дебрецин и за македонските ракометари.
Македонија во Краков ќе игра против Норвешка, Холандија и против Аргентина во групната фаза од Светското првенство.