Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за економија, Крешник Бектеши, го презентираа новиот буџет на Министерството за економија за 2023 година.
Ковачевски посочи дека новиот буџет на Министерството за економија се темели на развојни програми со развојни мерки, чија цел е во оваа тешка економско-енергетска криза да овозможат поддршка за граѓаните, како и одржливост и конкурентност на компаниите.
„Вкупниот буџет за 2023 на Министерството за економија изнесува приближно 19 милиони евра и се темели на развојни програми со развојни мерки, чија цел е во оваа тешка економско-енергетска криза да овозможат поддршка за граѓаните, како и одржливост и конкурентност на компаниите“, рече Ковачевски.
Тој посочи дека „во оваа тешка криза со која се соочува целиот свет, најважно за нас како Влада е да ги заштитиме стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите бидејќи, како што повеќепати имам кажано, никој нема да биде оставен сам да се справува со кризата. Затоа, за наредната година сумата за поддршка на граѓаните и компаниите, за енергетска ефикасност и за обновливи извори, е зголемена трипати. Односно, за оваа намена за 2023 година се обезбедени 3,2 милиони евра“.
„Во 2023 година продолжува финансиската поддршка за домаќинствата за фотонапонски панели, сончеви термални колекторски системи, како и замена на ПВЦ или алуминиумски прозорци. Со ваквите инвестиции во обновливи извори се овозможува граѓаните да ги задоволат потребите за струја, но и да имаат заштеда во време на криза. Како нова мерка во овој дел е поддршката на дел од трошоците за изведба на приклучок на дистрибутивната гасоводна мрежа кај домаќинствата, онаму каде што има развиена дистрибутивна мрежа на природен гас. Оваа програма ќе помогне и за задржување на ликвидноста на јавните претпријатија, кои се најмногу погодени од светска енергетската криза“, рече македонскиот премиер.
Ковачевски рече и дека „нашата држава изобилува со региони кои се вистинска туристичка атракција. Преку развојот на туризмот ја промовираме нашата земја. Со новиот буџет на Министерството за економија за наредната година обезбедени се 385 илјади евра за мерки за поддршка на туризмот“.
„Сакам да им се заблагодарам на сите министри од економските ресори, кои деноноќно работеа на обезбедување на сè што е потребно во овие 12 месеци државата да функционира без никакви прекини. 12 месеци во државата имаме непречено снабдување со електрична енергија, немавме ценовен шок за граѓаните, имаме непречено снабдување со храна, субвенциониравме струја за основни прехранбени производи. Сè што беше потребно беше обезбедено за граѓаните“, потенцира премиерот Ковачевски.