Утрински Весник
Свет

Некои Украинци за првпат денес го слават Божик

Некои Украинци за првпат денес го слават Божик

Украинското население обично го слави Божик на 7 јануари, но оваа година некои православни Украинци одлучија, со благослов на локалните цркви, да го прослават Божик на 25 декември.

dobivaj vesti na viber

Идејата за прославување на раѓањето на Исус во декември се сметаше за радикална во Украина до неодамна, но руската инвазија го промени ставот на многумина. Во октомври, Православната црква на Украина, која се бореше за независност од Руската црква, се согласи да им дозволи на верниците да го прослават Божиќ на 25 декември.

Изборот на тој датум има јасни политички и верски призвук во земја со ривалски православни цркви и каде што малите промени во обичаите можат да имаат моќно значење во културната војна која се одвива паралелно со вистинската војна. За некои луѓе, промената на датумот претставува одвојување од Русија, нејзината култура и религија, пишува АП, а пренесува N1.

„Она што започна на 24 февруари, целосната руска инвазија, е будење и разбирање дека повеќе не можеме да бидеме дел од рускиот свет“, рече Олена Палиј, 33-годишна жителка на Бобрица, село во близина на Киев.

Руската православна црква, која тврди дека има власт над православието во Украина, како и некои други православни цркви, сè уште го користи стариот, јулијански календар. Според тој календар, Божиќ е на 7 јануари, 13 дена подоцна од Грегоријанскиот календар што го користат повеќето црковни и световни групи.

Католичката црква го прифатила Грегоријанскиот календар во 16 век, а подоцна тоа го направиле и протестантите и некои православни цркви.

Во октомври Синодот на Православната Црква на Украина донесе одлука поглаварите на помесните цркви заедно со своите верници да можат да го изберат датумот на прославата на Божик, велејќи дека е одлучено по долги години дискусија, но и дека тоа е последица на воените околности.

Минатата недела во селото Бобрица 200 од 204 верници гласаа за 25 декември како нов ден за прославување на Божиќ. Олег Шкула, припадник на доброволните сили за територијална одбрана во областа каде што се наоѓа селото, рече дека верува оти неговата црква не смее да се поврзува со „мракот и темнината, со антихристот, што е денес Русија“.

Во 2019 година, вселенскиот патријарх Вартоломеј, духовниот водач на Православната црква, и додели целосна независност – автокефалност на Православната црква на Украина. Украинците кои се залагаа за признавање на нивната црква, во тандем со политичката независност на Украина, долго време бараа такво одобрение.

Руската православна црква и нејзиниот водач, патријархот Кирил, жестоко протестираа против овој потег, велејќи дека Украина не е под јурисдикција на Вартоломеј. Другата голема гранка на православието во таа земја, Украинската православна црква, остана лојална на Москва до избувнувањето на војната. Таа прогласи независност во мај, иако сè уште е под државна контрола. Таа црква традиционално го слави Божик на 7 јануари.

Можете да прочитате

Голем руски напад врз украинските електрани, експлозии низ целата земја

Силна експлозија во фабрика во Шпанија – има загинати и повредени

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност