Владата врз реални основи, го структурираше буџетот за културата на 61,6 милиони евра, истакна на денешната прес-конференција, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска која заедно со премиерот Димитар Ковачевски го образложи предлог-буџетот за културата за 2023 година.
„Од огромна важност е, дека сите финансиски обврски за оваа, 2022 година се реализирани, затворени. Според тоа, не префрлуваме никакви обврски од оваа, на товар на буџетот за следната година. Нема заостанати обврски, значи во следната година влегуваме со буџет кој нема да плаќа стари сметки и тоа ни овозможува да ги реализираме и планот и програмата за следната година со предвидениот износ“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа потсети дека во 2021 година, за плати од буџетот за култура се издвоени 49,51 отсто, а во 2022 платите, во согласност со колективните договори, се 51,75 проценти од буџетот, односно 1 милион евра повеќе, износ кој е вграден во буџетот за следната година. Во буџетот за 2023 година се зголемени и средствата за комунални услуги за установите од областа на културата, зголемени се и блок-дотациите како и капиталните дотации за општините од 1 на 20 милиони денари. За капиталните расходи пак, во предлог Буџетот за културата за 2023-та, предвидени се 6,4 милиони евра. Процентот на реализација на капиталните инвестиции за 2022 година до овој момент е високи 83 % со тенденција во преостанатите 10 дена да биде повисок.
Како ставки остануваат и Програмата за „Културно наследство во опасност“ и поддршката на младите.
„Нашето внимание останува на заштитата на културното наследство. Се работи и ќе продолжи работата и на Скопскиот аквадукт и на црквата во Курбиново, но и на други културни сведоштва за нас. Затоа, не само од буџетот, фокусирани сме и на соработката и на поддршка од фондовите од меѓународни институции“, порача министерката за култура.
Костадиновска-Стојчевска информираше дека во 2023. средствата за субвенции и трансфери ќе изнесуваат 12,5 милиони евра.
Во врска со годишниот конкурс ,пак, истакна дека во фокусот на комисиите остануваат принципите: поддршка на квалитетот, поддршка на младите уметници, на креативните и иновативните изрази, на проектите со традиционален и докажан квалитет и со реноме, запазување на принципот на застапеност – од родова до етничка.
„Годишниот конкурс за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2023 година траеше од 17 октомври до 25 ноември. Рокот го продолживме за една недела по барање на корисниците, кои алармираа за потешкотии поради преоптовареност на системот, но имаше и субјективни проблеми поради неажурирани податоци на дел од апликантите. Поддршката од МИОА ни беше драгоцена зашто овој пат аплицирањето се одвиваше преку националната платформа „е-услуги““, посочи министерката за култура.
Во моментов, додаде Костадиновска-Стојчевска, комисиите работат на програмите од националните установи, а службите во Министерството за култура ја вршат административната проверка на веродостојноста на прикачените документи во електронската апликација. И благодарејќи на овој систем, од оваа година решенијата за прифатени, одбиени или отфрлени проекти, корисниците ќе ги добијат по електронски пат.
„Оваа година пристигнаа 3.355 пријави. Најмногубројни и оваа година се пријавите во издавачката дејност. И тука сакам да ја споделам информацијата дека ги исплаќаме сите обврски кон корисниците за проектите што се реализирани во оваа година, запазувајќи ја тенденцијата – без пренесени обврски во новиот буџет за тој целосно да биде наменет за програмата за 2023-та. До моментов, за оваа намена се намирени над 96 %“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека реализацијата на севкупниот буџет на Министерството за култура за 2022 година, заклучно со вчерашниот ден, е 95 отсто.