Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси утре ќе ја посети Русија за да разговара за создавање безбедносна зона околу нуклеарната централа Запорожје, објави денеска РИА Новости, повикувајќи се на постојаниот руски претставник во меѓународните организации во Виена, Михаил Улјанов.
Руските сили ја презедоа контролата врз објектот во март и оттогаш нејзината територија периодично беше гранатирана, како и станбените области на Енергодар, користејќи беспилотни летала, тешка артилерија и повеќе ракетни фрлачи, при што двете страни меѓусебно се обвинуваат за нападите.
Гроси постојано повикуваше на воспоставување безбедносна зона околу нуклеарната централа Запорожје, а во септември Бордот на гувернери на МААЕ усвои резолуција со која ја повикува Русија да ги повлече своите сили од територијата на централата,пренесе Танјуг.