Зорица Блажевска, професорка при Архитектонскиот Факултет на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, е добитник на наградата за животно дело “Андреја Дамјанов” за 2022 година. Оваа награда ја доделува Асоцијацијата на Aрхитекти на Македонија (ААМ), како признание за особени достигнувања и личен придонес во развојот на архитектурата и градителството.
„Творештвото на архитект Блажевска е длабоко посветено на архитектурата на домувањето со особен фокус на една од најчувствителните теми – архитектурата за третото животно доба“, велат од Асоцијацијата на архитекти.
Дипломираше на Архитектонскиот факултет, Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, под менторство на професор Георги Константиновски (1971). Докторираше на тема Повеќе-семејната куќа во функција на хумано домување на старите лица во рамки на семејството, под менторство на професор Георги Константиновски (1991), а беше и негов асистент на Архитектонскиот факултет, соработник и рамноправен партнер во низа клучни дела. Професорката Зорица Блажевска на Архитектонскиот факултет во Скопје ја продолжи линијата на нејзините претходници, професорите Јован Ранковиќ и Георги Константиновски, но даде и еден личен поглед на проектот на Домувањето. Како професорка на Проектирање на станбени згради, како и на низа предмети поврзани со областа на домувањето, ја постави и разви темата на живеење во третото доба како дел од педагошкиот проект и како одреден општествен ангажман.
Низ развојот на својата кариера, архитект Зорица Блажевска се формира во творец со особен авторски пристап.
„Со чинот на добивање на наградата “Андреја Дамјанов” за 2022 година, архитект Блажевска станува член на Академијата на Архитекти на Македонија, која функционира во рамките на ААМ. Свеченоста за доделување на наградата ќе се одржи на крајот на јануари, 2023 година“, истакнуваат од Асоцијацијата на архитекти на Македонија.