Авторките на учебникот по историја за петто одделение реагираа по објавувањето на грешките во учебникот.
Велат дека по констатираните грешки, писмено се обратиле до надлежното министерство за да се направат исправки, барем во електронските верзии на учебниците.
„Навистина ни е жал што во нашите напори да не испуштиме нешто суштинско сме пропуштиле да поминат вакви технички грешки, кои ја разбрануваа јавноста. Учебникот, кој е тема на дискусија, е предаден на регуларен конкурс од Педагошката служба уште во мај годинава. Сите сугестии што беа од техничка природа се земени предвид при подготовката на неговата финална верзија. Ниту ние авторите ниту рецензентите немаа можност да го прегледаат учебникот пред печатењето. Можеби ќе забележевме дека наместо V век, пишува V век пр. н.е.; дека при обработка и средување на текстот останала грешката за местоположбата на нашите соседи од исток и од запад или за мерните единици. И покрај тоа што е очигледно дека станува збор за технички грешки, затоа што, ако се прочита учебникот во целост и се анализира, педагошки, методолошки… ќе се забележи дека тој во целост ги следи наставната програма, методологијата за изработка на учебник и националните стандарди“, велат авторите во реакцијата.
Оценуваат дека е навредлива констатацијата оти авторките се неписмени, нестручни и некомпетентни. Ако е така, прашуваат тие, зошто немаше други автори за овој предмет, кои ќе бидат компетентни и гласни со дела, а не со коментари, кои се недолични и даваат политичка заднина на сè во општеството.
Оттука, ги замолија надлежните во МОН да ги коригираат електронските верзии на посочените места. Исто така, ги замолуваат наставниците да им објаснат на учениците дека во тие делови од учебникот има технички пропусти, како што им посочуваат и за сите други учебници во кои ќе констатираат грешка.
Авторките повикаа на почитување на нивната приватност, а истовремено апелираа до МВР да реагира на сите форми на насилство упатени кон нив и нивните семејства и на заканувачките пораки што ги добивале јавно.
„Ги замолуваме сите оние што навлегуваат во нашата приватност, споделуваат врски до нашите лични профили, оние што споделуваат наши фотографии без дозвола – да престанат. Со влегувањето на нашите профили и со недоличните коментари влегувате во нашите семејства, во кои има деца. Јавното линчување луѓе е средновековна практика, која сега е во модерна форма.
Печатните и ненамерно направените грешки се исправаат. Ама насилството што се промовира на социјалните мрежи остава длабоки траги врз луѓето и нивните семејства. Сајбер-насилството е модерно силеџиство, кое го читаат деца и на тој начин директно се изложени на негативен пример, кој упатува страшна и многу загрижувачка порака. Секој може да навлезе во вашата приватност и да ви ги руши личниот и професионалниот интегритет што сте ги граделе со години“, велат авторките на учебникот.