Градоначалникот Тимчо Муцунски денес го посети Основното училиште „Лазо Ангеловски“, каде што заедно со дечињата учествуваше во работилница за новогодишната подготовка на училиштето. Во рамките на посетата со учениците од ова основно училиште ја красеше новогодишната елка, ги нацртаа новогодишните честитки и испратија писма до Дедо Мраз.
„Наша обврска, пред сè, како луѓе, но и во делот на политиката, е да им го направиме животот на децата полесен, а нивниот свет поубав. Токму поради тоа, Општина Аеродром инвестира во изградба на нови училишта, спортски центри и детски игралишта. За мене, среќата на децата е најважна и понатаму ќе правам сè преку инвестициите и проектите нивното живеење во Аеродром да го збогатуваме со нови содржини и места“, напиша Муцунски на својата фејсбук-страница.
Во следниот период Општина Аеродром ќе организира низа јавни настани како дел од програмата за одбележување на Нова година. Во рамките на оваа програма е и фестивалот „Дром-фест – Култудром во вашиот дом“, кој од денеска, па во следните три дена, се организира пред платото на „Капитол мол“.