Профилите на „Твитер“ што припаѓаат на неколку истакнати новинари кои го покриваат сопственикот на компанијата, Илон Маск, нагло беа суспендирани.
Американските медиуми објавија дека компанијата на мултимилијардерот, без претходно објаснување, им ги угаси профилите на новинари на „Њујорк тајмс“, „Си-ен-ен“ и „Вашингтон пост“. Тие останаа без своите профили на оваа социјална мрежа во четвртокот навечер.
Портпаролката на „Твитер“ изјави за технолошката веб-страница The Verge дека забраната е поврзана со споделување во живо податоци за локацијата.
Ваквиот потег доаѓа откако Маск изјави дека ќе го тужи сопственикот на профилот што го следи неговиот авион.
На листата забранети новинари се наоѓаат и Мич Ли од The Intercept, Мет Бајндер од Mashable и независните новинари Арон Рупер и Тони Вебстер.
Портпаролот на „Њујорк тајмс“ ги нарече суспензиите чудни и рече дека ниту весникот ниту новинарот Рајан Мек не добиле никакво објаснување за акцијата.