Во четвртокот, Европскиот парламент усвои резолуција со која го признава масовниот глад во Украина во текот на 1932 и 1933 година, познат како Холодомор, како геноцид.
„Пратениците во ЕП ги осудуваат овие дејствија, кои резултираа со смрт на милиони Украинци и ги повикуваат сите држави и организации кои досега не го сториле тоа да го следат нивниот пример и да го признаат како геноцид“, се вели во соопштението на ЕП, пренесува Анадолија.
Резолуцијата ја обвинува владата на рускиот претседател Владимир Путин за „нарушување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, настојувајќи да ја ликвидира Украина како национална држава и да го уништи идентитетот и културата на нејзиниот народ“ во инвазијата што започна на 24 февруари.
„Исто така го осудува фактот дека тековната војна создаде глобална прехранбена криза, додека Русија ги уништува и ограбува украинските резерви на жито и продолжува да го отежнува обезбедувањето на украинскиот извоз на жито во најсиромашните земји во светот“, се вели во соопштението.
Европските пратеници ја повикаа Европската унија и третите земји да ја подигнат свеста за Холодомор и „другите злосторства извршени од советскиот тоталитаристички режим“.
„Иако го осудува актуелниот руски режим за манипулирање со историската меморија со цел сопствен опстанок, ЕП ја повикува Руската Федерација, како примарен наследник на Советскиот Сојуз, да се извини за овие злосторства“, се вели во извештајот.
Чешкиот парламент го призна Холодомор како геноцид со усвојување на резолуција во средата, додека германските пратеници го направија тоа на крајот на ноември.
Холодомор се смета за еден од најболните настани во историјата на Украина.
Помеѓу 3,5 и 10 милиони луѓе умреле од глад во 1932 и 1933 година, како резултат на политиката на советскиот лидер Јосиф Сталин за „колективизација“ на земјоделството, според Украинскиот институт за национална меморија,пренесуваат медиумите.